Прекрасен, освежителен и лесен десерт, посебно погоден како освежување во топлите денови.
Најпрво започнете со подготовка на овошниот сос.
Изрендајте ја кората од лимонот и исцедете го сокот.
Јагодите исчистете ги и измијте ги. Ставете ги во еден длабок сад, додадете го шеќерот, кората и сокот од лимон и измиксајте со рачниот миксер. Од сосот кој го добивте одделете малку на страна и во него растворете го густинот а останатиот префрлете го во тенџере и ставете да се вари. Кога ќе зоврие додадете го густинот и варете со непрестано мешање околу 3 минути додека се згусне. Тргнете на страна и оставете потполно да се излади па по желба додадете ликер од малини.
Подготовка на кремот
Цврсто изматете ја слатката павлака. Јагодите исечкајте ги на коцки
Во друг сад ставете го шеќерот во прав, овошниот јогурт, солта и маскарпонето. Изматете со миксер колку да се спојат состојките. Додадете ја слатката павлака, овошниот сос и јагодите и кратко промешајте.

Во длабок стаклен сад на дното наредете еден ред пишкоти. Врз нив ставете половина од кремот па врз него распоредете од овошниот сос. Повторете ја постапката уште еднаш. Одозгора наредете јагоди исечени на листови и налејте ги со 3 лажици од овошниот сос.

Забелешка
Рецептов го пренесувам како оригиналниот. Јас не ставам ликер од малини бидејќи дете се слади со десертов. И без ликер е превкусен.
За сосот - доколку јагодите не се „водлести“ и кога ќе ги измиксате добиете доволно густ сос, тогаш нема потреба да го варите и да додавате густин. Ќе си скратите на време и дополнителна работа ))
Наместо слатка павлака некогаш ставам шлаг пена (една кесичка шлаг ја матам со 125мл. млеко), значи може и така да пробате.
Наместо пишкоти, може да ставите кантучини, за промена ))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани