Можеби кога ќе ги прочитате сите овие состојки ќе ве заболи глава, но верувајте дека овде станува збор не само за една посластица, туку и за еден сладок залак полн со енергија и здравје. Сите состојки се добри на свој посебен начин и ако би земала да пишувам за секоја пооделно ќе ми треба цел ден. Затоа накратко да кажам конкретно зошто овој вкусен рецепт на колачиња изобилува со многу добар вкус на кој ретко кој би можел да оддолее, а спаѓа сепак во групата на здрав, посен,сиров и истовремено диетален десерт и е погоден и за оние кои се на строга диета.

Како прво состои кокосово масло (ладно цедено,не рафинирано) кое за разлика од сите други масла организмот дирекно го искористува, а особено е добро наутро бидејќи дава енергија и на мозокот, го забрзува истовремено метаболизамот и не се таложи во вид на сало што не е случај со други видови на масла. Значи спротивно од другите заситени масла помага во слабеењето, што е чудо од масло на природата. Прави алкализација во организмот, а неговата содржина на лауринска киселина го прави добар бранител на имунитетот. Има уште многу за него, но доста е.
Какаото, чистото сирово какао исто спаѓа во групата на здрава храна богата со антиоксиданси. Кикириките изобилуваат со здрави масти кога не се печени и солени исто.
Агавиниот сируп е сладило со многу низок гликемиски индекс поради кое може да го конзумираат дури и дијабетичари, а е особено здраво природно сладило за тие што внимаваат на јагленихидратите.
Таанот, авокадото, урмите, овесните снегулки се исто богати нутритивни намирници, кои освен што го збогатуваат на вкус го прават колачот и богат со хранливи својства.
Ова е колаче кое и да сакате не можете да претерате да го конзумирате бидејќи нема вештачки ароми и додатоци, една до две коцки максимум му даваат сигнал на вашиот мозок дека е доволно и дека сте ја задоволиле потребата за благо.

Да не филозофирам повеќе сакав само да ги запознаам оние кои не знаат барем малку за овие намирници, да не им изгледа рецептов вонземјански.

Мелените овесни снегулки измешајте ги со омекнатото кокосово масло (на собна температура) какаото во прав и агавиниот сируп или мед со 2 лажици растително млеко или вода. Оваа смеса распоредете ја во калап и ставете го калапот покриен со фолија во ладилник да одстои 3-4 мин доволно за да стегне.
За тоа време припремете го белиот слој од овесни мелени снегулки, кокосово омекнато масло, агавин сируп и малку вода или некое растително млеко. И него распоредете го врз кафеавиот стегнат слој и вратете го уште 5 мин во ладилник.
За тоа време припремете го слојот од кикирики. Во блендер ставете ги меките урми, сировите кикирики, таанот и малку вода и блендирајте за да добиете мазна смеса. Нанесете ја врз стегнатите два слоја.
Сега подгответе го чоколадниот прелив на тој начин што само ќе го изблендирате омекнатото авокадо и банана со какао и агавин сируп. Половина од овој прелив ставете го врз слојот со кикирики и додадете цели парчиња кикирики, па врз нив распоредете го остатокот од чоколадниот прелив.
Ако немате кокосово масло истото ова може да се подготви со растително масло (маргарин) но не би препорачала бидејќи освен што го нема истиот сочен вкус, туку е спротивно од оваа е не здрава варијанта на калачиња богати со не здрави заситени масти.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови