Сите се на диета.... Е, овај рецепт за Браунис беше подготвен за да ја задоволи желбата за колачина на син ми и маж ми, а да не “ја расипат“ диетата. Теоретски, една коцка од овие колаченца има калории колку едно чоколадно бомбонче.

На сува тава потпечете ги оревите со мешање и оставете ги да се оладат. Исецкајте ги крупно.
Загрејте ја рерната на 165 Ц. Жицата за печење ставете ја во долната половина на рерната (малку пониско од средината ).
На плехче за печење со големина 22 на 22 цм ставете хартија, така да на два спротивни краја има малку вишок за да ги извадите колачината лесно.
За мене најдобри Браунис се ако површината остане глатка и сјајна, а внатрешноста е сеуште малку, сосем малку мека.... Овие се такви...
Затоа се мешаат само “на рака“.

Во поголем сад растопете ги на многу тивок оган путерот и чоколадото мешајки да добиете мазна и сјајна смеса.
Тргнете ја од оган и додадете ги двата вида шеќер и солта мешајки со шпатула или дрвена лажица. Додајте ги двете јајца едно по едно, добро мешајки меѓу секое додавање. Додајте го брашното мешајки силно додека смесата не е сјајна и не се одвојува од ѕидовите на садот. Оревите исецкајте ги крупно и измешајте ги во чоколадната смеса заедно со ликерот.
Истурете ја смесата во плехчето, израмнете ја површината и ставете да се пече некаде 30 - 35 мин. Ако пробувате со чепкалка, треба да е влажна, ама да нема ронки од колачот на неа.
Извадете го колачот и на жица во плехчето ладете го десетина минути. После подигнете го заедно со хартијата и повторно на жица оладете го до крај.
Исечете го на 16 коцки. Чувајте ги во затворена кутија, на собна температура.

Ви препорачуваме овој рецепт да го подготвите со Делимано Ростер

 Ростер

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови