За подготовка на тестото го сееме брашното во садот за месење. Квасецот го раствораме во малку млеко. Маргаринот го растопуваме во стопленото млеко. Јајцата ги матиме со вилушка. Заедно со сите состојки потребни за тестото замесуваме средно меко тесто и го оставаме да стаса 40 минути.
Од ова тесто јас правев погача и од дел од него и кифли. Јас не ги филував, ако правите филувајте ги со фил по ваша желба.
Погачата ја правев во плекче од рерна, не мора ако сакате печете ја во кружно плекче. Кога е стасано тестото сукаме кора со дебелина околу 7 цм, (така повеќе ќе нарасне) кај мене беше пониска и ја ставаме на подмачкано плекче со маргаринот.

Кората со димензии околу 31на 27 цм. За декорацијата на погачата нема многу во детали да пишувам бидејки се гледа од дополнителните слика. Направете цветчиња, плетенки и синџирчиња или декорирајте како сакате. На крајот кога погачата ќе стаса за печење ставете ги бонбончињата.
За кифлите расукав кора од која правев кифли како вообичаено. Кога стасаат ги премачкуваме со жолчката и посипуваме сусам врз нив.

Рерната ја загреваме на 200 степени на почетокот на печењето првите десетина минути, потоа намалуваме на околу 180. Печеме околу 30 минути тестото да добие убава жолто-црвена боја. Кога се испечени ги покриваме со крпа убаво да истинат и добро да омекнат.

Ова тесто е дел од мојата имагинација и сакам и овојпат да го споделам овде. Тестото е меко, вкусно и ароматично. Нареден пат кога ќе ја правам ќе ставам 3 лажички рум за појак мирис. Бидејки сите што ги пробаа погачата и кифлите им беа вкусни, се надевам дека ќе го пробате тестото. Ви посакувам добар апетит.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани