Кога ја истурав пролетва расолницата имаше уште едно убаво зелче кое го здробив и го замрзнав. Еве му дојде редот да го зготвам.

Подготовка:

1. Ребрата насолени и убаво исчукани ги пржиме во свинска маст да се зацрват убаво. Во мрснотијата каде се пржеа ребрата го истураме расолчето сечкано на ситно и го пржиме додека не испари целата вода. Во пржењето може да додадеме по потреба свинска маст. Расолот трпи мрсно.
2. Кога е убаво испржено, додаваме малку брашно (на врв на мало лажиче), црвен пипер, промешуваме колку да замириса пиперот и одма додаваме врела вода околу еден филџан. Наросуваме црн бибер. Насолуваме по потреба. Уште повкусно е кога наместо вода тураме расолница, но времето на расолницата е поминато.
3. Ја ставаме смесата во земјена тава, ги редиме ребрата, покриваме со алуминиумска фолија и поклопуваме со капакот од тавата.
4. Печеме во рерна на 180 степени околу 2 часа. Пред крај ја вадиме фолијата и ја враќаме само со капакот поклопена, да се потпече јадењето одозгора.
Со ова јадење се пие тешко црно вино вранец. Барем ние така направивме.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови