Свински бут -прилог компир (класика)
Добро позната постапка за сочно и ароматично месо, веројатно секоја домаќинка го спрема со мали отстапки, а ова е мојот начин.
Најдобро би било да е месо од бутче затоа што има подобра можност за формирање на џеб. Предвиденото месо се мие и се прави задлабување со нож за месо во внатрешноста така што нема да се пробие ниедна страна кон надвор, се трие со сув зачин и црн пипер се премачкува со масло, нека си отстои некое време да прими од зачинот, па се ставаат внатре по должина двата моркови и ситно сечкани парченца лук.
Во сад погоден за динстање се става месото и се пржи на суво во сопствениот сок, се долева малку масло се пропржува на тивко да се подзарумени од сите страни се налева од виното и се става поклопецот, нека крчка на тивко додека не испари виното, се отвора капакот се налева чаша вода се додава ловорот и киската магдонос, повторно се поклопува.
На тивко се крчка додека испари и таа вода, се налева така вода се додека не се потроши целата наведена количина вода (записот се однесува на стандардна чаша од 200мл.) Ќе одземи добри 3 саати од почетокот на подготовка на месото.
Се вадат ловорот и магдоносот од садот и на крај кога испари течноста пак се пропржува, ако е потребно додаваме некоја капка масло. Идеален сад за ваков вид на подготовка на месо би бил Гурметот. Прилогот се печени компири на општо прифаќање и задоволство на конзументите.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови