Фичо вели дека ова е идеален рецепт кога сте многу гладни! Класика сендвич со состојки кои може да се најдат во сечиј фрижидер.

Подготовка

Чекор 1: Земете едно тазе лепче (било какво), го сечете по должина и го премачкувате со путер. Ние земавме варена шунка и Гауда кашкавал (а вие може да користите состојки по избор), кашкавалот оди врз шунката и заедно ги предиплувате на половина.

Чекор 2: На малку масло потпржете го ситно исечканиот млад кромид. Врз него пржите едно јајце, меѓутоа ја растурате жолчката. Додајте и малку мелен бибер. Ако сакате добро зготвено јајце, пржете од двете страни.

Во посебен сад измешајте кечап и мајонез за да добиете хомогена смеса.

Чекор 3: Во лепчето ставете еден лист марула, ние најдовме путер марула – а вие можете било каква зелена салата. Потоа, ја редите предиплената шунка со кашкавал, малку од мешавината кечап и мајонез, па потоа го додавате прженото јајце и едно кругче домат. Најгоре ставете сол по желба. Тоа е тоа! Класика сендвич!

СОВЕТ: Знаеме дека знаете како да направите сендвич, ама ова е убава комбинација што нам ни се допаѓа и сакавме да ја споделиме со вас. Не заборавајте лепчето мора да биде тазе, во секој сендвич тајната се крие во лепчето!