Ролат око
Скоро и ретко кога поминал Божиќ без него, старински ролат на многумина познат и некако се претвора во традиција кај мене дома.
За кората се бијата јајцата со шеќерот, се додава брашното помешано со печиво. Една третина од смесата се остава во друг сад и се става какао. Се тура во плех над хартија прво жолтиот, па веднаш до него кафеавиот дел и се печи на 200.
Испечен се завива во малку навлажнета крпа одделен од хартијата претходно. По кратко време се одвиткува, се завива во сува крпа за да не прими многу влага и да стои како наживен(народски кажано).
Најпрво се подготвува светлиот дел од фил.
За него е потребно повеќе време сметајќи го притоа и ладењето. Од состојките за светол фил се вари крем од пудингот, брашното, млекото и се лади.
Настрана се бие маргаринот со шеќер во прав, па се спојуваат.
За темниот фил се попаруваат мелените ореви со заблажената зовриена вода, се меша константно и во топло се става чоколадото да се истопи. Овде јас додавам во малку ладен дел и 2-3 лажици од светлиот фил, ми дава посебен вкус иако во оригиналниот рецепт ги нема.
Се одмотува кората се става по должината на кафеав дел од кората кафеав фил, а на жолтиот дел светол фил, но ќе требаат 2-3 лажици од него настрана да се остават за да се премачка одозгора. Конечно се вие во ролат, се премачкува на тенко фил и најгоре секогаш додавам шлаг, повторно по мој избор, а вам како ви е по замисла.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови