Пржени триаголници
Триаголнициве испаднаа ептен убаво топло предјадење-мезе, а со чаша јогурт би биле и одличен појадок. Се подготвуваат лесно и многу брзо, зошто не им треба стасување на тестото. Подготовката е следна
Во подлабок сад разматете го јајцето со жица за матење. Додајте го прашокот за пециво, сол, јогурт и една лажица масло. Промешајте кратко да се изедначи смесата. Во садот додајте ги претходно изренданата салама ( јас користев пилешки гради) и бело сирење. Додајте го и постепено брашното.
Замесете со рака тесто. Расучете го во кора со дебелина од 8-10 мм и сечете триаголници со големина по желба. Пржете ги триаголниците на умерен оган додека да заруменат од двете страни. Како прилог можете да искористите различни намази и макала. Јас овој пат ги комбинирав со макало од кисела павлака со малку лук, копар и маслиново масло. Супер брзо и вкусно. И подизладени си останаа со крцкава коричка и мека внатрешност.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови