Рецептов е како мој предлог за вашето Новогодишно или Божикно мени. Месото од вака спремената мисирка е меко, сочно и ароматично. Пробајте, верувам дека ќе ви се допадне.
Рерната загрејте ја на 175°.
Мисирката измијте ја под млаз ладна вода и потоа добро исушете ја со кујнска хартија. Убаво посолете ја и побиберете ја и внатре и однадвор.
За полнењето излупете ги и исчистете ги јаболката па исечкајте ги на коцки. Кромидот исечете го на четвртинки. Ставете во еден сад, додадете ги зачините, па убаво промешајте ја смесата. Наполнете ја мисирката со оваа смеса. Отворот зашијте го со кујнски конец или пак затворете со дрвени чепкалки и убаво зацврстете ги со кујнски конец. Копаните и тие заврзете ги со конец. Ставете ја мисирката во пекач со градите надолу.
Кромидот, морковот и целерот исечкајте ги на парчиња па наредете ги во пекачот околу мисирката. Налејте го виното врз зеленчукот (не и врз мисирката), а мисирката премачкајте ја одозгора со половина од стопениот путер.
Ставете да се пече 3 часа. При печењето повремено налевајте ја со течноста во пекачот. Откако ќе помине 2/3 од времето, свртете ја мисирката сега со градите нагоре, премачкајте ја со остатокот од путерот и оставете да се допече. 30 минути пред крајот не ја налевајте со течноста за убаво да фати корка.
Кога е готова, извадете ја од рерна и ставете ја мисирката во тањир. Нека отстои така 30 минути на собна температура пред да ја сечите за да може соковите убаво да се распоредат во неа и за поубаво да се сечи. Кога ќе ја вадите од пекачот или која ќе ја превртувате во печењето, по можност не ја бодете со вилушка.
Одстранете го конецот и чепкалките. За сечењето најпрво одвојте ги крилата, потоа долниот дел од копаните па горниот дел од истите. Градите исечете ги така што со ножот ќе фатите од страна од долниот дел на градите и ќе сечите хоризонтално нагоре кон вратот. Исто така и од другата страна. Внимателно отсранете ја градната коска па исечете ги филетите на парчиња. Одвојте го месото од коските и од останатите делови и сечете парчиња.
Со течноста и зеленчукот кои ќе останат после печењето направете вкусен сос, така што течноста ќе ја процедите низ ситеста цедилка а зеленчукот ќе го испасирате низ неа. Ставете во тенџере на оган да зоврие и додадете 2-3 лажички густин претходно растворен во вода. На крај дотерајте го вкусот.
Послужете со пире од компири и како додадок топла салата од кисела зелка која претходно убаво ќе ја издинстате.
Совет
Времето на печење на мисирка зависи од тежината и од тоа дали е полнета или не. По килограм треба да рачунате 50-60 мин. печење. Доколку не е полнета, времето на печење е пократко. За полнењето исто така, рачунајте 100-150гр. фил на килограм мисирка.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани