Изнапишав состојките, сега припремата....
Веднаш да се оправдам за сликата од крајниот резултат,  нема убава слика, немаше кој да чека, за да се извади убаво парче од кое ќе се види целосниот успех, требаше да се чека најмалку барем половина час... жално но вистинито - немаше кој да чека, па дури ни целосно како изгледа печена не можев да сликам, а рецептот бидејки е повеќе од добар
Одлучив така да го поставам, белким ке се протне сликата поради самиот рецепт...Ч)))
 
- Искостете ја мисирката, внимавајте да не ја оштетите кожата бидејки да остане цела е многу битно. Ако тоа не можете да го направите, замолете било кој касапин, тоа ќе го стори за многу кратко време. Оставете ја настрана.
Фил за полнењето
- Исецкајте секоја состојка за филот засебно.
- Ставете го кромидот на маслинов зејтин (не е задолжително) да се пржи. Осолете го. Додадете го меленото месо и заедно нека продолжат да се пржат. Пред да биде целосно испржено месото додадете ги исецканите на ситно кисели јаболка и целерот. Продолжете да пржите. Додадете ја пушената сецкана сланина, продолжете да пржите. Откако е испржено, истискајте сок од 2 портокала. Промешајте да се спојат сите вкусови - тргнете настрана да се лади.
Во оладениот фил додадете 2 јајца и лебните трошки. Додадате една лажица затар или мешавина на зачинки по ваш вкус. Јас користам затар.
- Наполнете ја искостената мисирка прво полнејки ги батаците, крилата и потоа средишниот дел од мисирката. Преклопете ја и со чачкалици или конец добро стегнете ја веќе полната мисирка. Обложете ја целосно со долги тенко сечени парчиња сланина. Ставете ја во пекачот, насечете маргаринот на коцки, ставете неколку листови ловоров лист...
- Вака спреманата мисирка ставете во веќе загреана рерна на повисока температура и нека се пече така околу 15 мин. а потоа намалете ја температура и нека се пече на 170 степени. Испечена извадете ја во друг сад или дирекно на даската за да откако се олади да сечете парчиња од истата.

Припрема на сосот
- Во касеролата ствете ја брусницата, малку сол, малку шеќер и малку каенски пипер, додадете го чистиот сок од портокалите, нека се вари додека се згусти сокот. Тргнете настрана.
- Прилогот од млинци
- Со врела солена вода или со бујон од пилешка коцка за супа попарете ги веќе искршените на парчиња млинци, нека одстојат да омекнат, исцедете ги. Извадете ја испечената мисирка од пекачот, па во сосот кој останал од печењето ставете ги исцедените млинци, вратете во рерната за кратко, извадете и сервирајте покрај веќе исеченото парче, додадете од сосот, посипете со сецкан магаданос , копар и власец.

Совет
- За да ви изгледа парчето вистинско парче притоа и декоративно мора да сочекате да се олади, во спротивно филот не дозволува да навистина излеее вистински одрезак.
Забелешка
- Секогаш сметав најмалку 45 мин, за 1 кгр. печење на мисирка, сега исто така постапив неводејки сметка дека сега се пече во Делимано пекачот за да погледан до каде стасало печењето по изминување на околу 1 час и нешто повеќе се сетив дека сега печењето оди побргу и веќе беше мисирката печена и тоа како одозгора така и одоздола.
- За месото од мисирката се знае дека е суво, затоа да не ве чуди количината на сланината и маргаринот, тие допринесуваат да истото биде меко.
Заклучок
Пекачот на Делимано е фантастичен, ми го скрати времето на печење, сум требала да направам и одстапка од количината на маргаринот, следен пат токму тоа ќе го проверам, колку да ставам - беше очигледно дека е повеќе.
- Како ги спремам млинците, тоа ке биде мојот следен рецепт, мислам дека овде го нема поставено.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани