Никогаш порано не сум приготвувала келераба и кога таа пристигна во мојот дом, се соочив со предизвикот како да ја спремам. Рецептот е чиста драмска импровизација, па можете да менувате по Ваш вкус и желба, а јас Ви ја претставувам комбинацијата што на крај излезе причично успешна.

Келерабата излупете ја и ставете ја во солена вода која врие.
Варете најмалку половина час и оставете ја да стои така во врелата вода дури го спремате полнењето и сосот. Може да проверите со вилушка, но келерабата не треба да биде сосема мека, нешто како полуварен компир да дојде.
Кај мене едно парче тежеше 1 килограм што значи дека и самото варење треба да трае подолго, а ако парчињата се помали сигурно нешто пократко.
На крај келерабата се длаби со помош на ноже или некој друг кујнски прибор. Исечето го дното за да може да стои рамно

Исчистете ги целерот, пашканатот и кромидот и исецкајте ги на мали коцки. Исто и сланината исецкајте ја на коцкички. Морковот изрендајте го крупно.
Една рака од исецканите пашканат и целер тргнете на страна, ќе Ви треба за сосот.
На загреано масло најпрво пропржете ја сланината, па додајте ги целерот и пашканатот. Кога ќе се зацрвенат малку ставете го кромидот, а откако и тој ќе омекне, ставете го и морковот и пропржете уште кратко.
На крај тука се додава и “месото“ од издлабената келераба, се зачинува и се трга на страна.

За припрема на сосот, најпрво стопете го путерот на умерен оган и на него пропржете го ситно исецканиот лук, па додајте го пашканатот и целерот. Кога ќе ја испуштат аромата ставете го брашното, запржете дури да ја промени малку бојата и ставете го млекото. Мешајте постојано со жица и кога ќе се згусни ставете ја павлаката, посолете и зачинете со црн пипер. Мешајте дури да се изедначи смесата и тргнете ја од оган.

Во огноотпорен сад ставете ја издлабената келераба и во неа ставете само 2 лажици од сосот на дното и дополнете ја со смесата за полнење. Натапкајте убаво. Остатокот од полнењето наредете го околу келерабата. Излејте го сосот врз келерабата и распоредете го убаво наоколу.

Печете во незагреана рерна 1 час на 180 степени.

Сервирајте ја наросена со исецкани ливчиња целер.

Пријатен апетит!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови