Мини пици со сиренце и кромид
1. Го разматуваме квасецот со топло млеко, додаваме малку брашно и шеќер и го оставаме да стаса. Кога ќе се крене убаво во чашата, го претураме во длабок сад каде претходно сме ставиле брашно. Се додава едното јајце и солта и се меша постојано со миксер. Се додава путерот и добро се измесува со рака, тестото да стане меко и убаво за работа.
(Ако е многу меко додајте уште малку брашно.)
Се покрива садот и се остава тестото да нарасне.
Готовото тесто го префрламе на набрашнета подлога и го премесуваме. Растегнуваме со сукалка кора со дебелина од еден сантим и со калапчиња вадиме тркалца со кои ги полниме модлите.
(Модлите да бидат премачкани со маргарин)
Откако ја завршивме постапката, продолжуваме со подготовка на филот кој ќе го полееме врз тестото.
2. Кромидот ситно го сецкаме и го ставаме да се запржи на тивок оган, се додека не зарумени. Го пржиме во малку путер.
Додека се пржи кромидот, на страна ги матиме јајцата и во нив додаваме дробено сирење, мешан зачин, бибер,и павлаката. Откако кромидот ја добива посакуваната боја и е пржен го додаваме во смесата која ја размативме претходно. Така добро промешаниот фил го полеваме врз тестото и ставаме да се пече.
Се остава во рерна околу 30 минути на температура од 150 степени.
Румената боја кажува кога мини пиците се готови.
Сето ова може да се подготви и во голема тава и да испадне една голема крцкава пица со прекрасен мирис.
На здравје
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови