Кромид
Можете ли да си замислите рецепт без кромид?
Овој прекрасен зеленчук, еден од првите зеленчуци што се јадат кои луѓето ги откриле, може да се најде во исклучително голем број рецепти, без разлика дали станува збор за Вашата омилена салата, сос или кари. Исто така се користи и во традиционалната медицина уште од праисторијата, поради превентивните карактеристики и способноста за лекување.
Ботанички, кромидестото растение припаѓа во фамилијата alliaceae во родот allium и носи научно име allium cepa.
Растението расте околу половина метар во височина и има подземно топчесто стебло, кое се содржи од модифицирани листови напластени еден врз друг. Постојат повеќе сорти кромид што се одгледуваат насекаде низ светот. Зелените надземни делови (скалиони) и цветните главици исто така се јадат насекаде низ светот.
Остриот, продорен мирис на кромидот се должи на сулфурното соединение алил пропил дисулфид. Шпанскиот црвен кромид обично има послаб вкус од белиот и кафеавиот кромид, поради што е идеален за салати.
Шалот (Allium cepa L. var. aggregatum) е еден вид помал кромид, кој дава сноп мали, издолжени главици од една засадена главица. Овој кромид е релативно помал и има поблаг вкус од нормалниот кромид.
Здравствени придобивки од кромидот
- Кромидот има многу ниска калорична вредност (само 40 калории на 100 грама) и содржи многу малку масти, но е богат извор на растворливи растителни влакна.
- Фито хемикалиите алиум и алил кои се содржат во кромидот се претвараат во алицин со ензимска реакција кога се нарушува интегритетот на главицата (гмечење, сечење итн.). Студиите покажаа дека овие состојки имаат антимутациски својства (штитат од рак) и антидијабетски својства (помагаат при снижување на нивотот на шеќерот во крвта кај дијабетичарите).
- Лабораториските истражувања покажаа дека алицинот го намалува производството на холестерол преку инхибиција на HMG-CoA редуктивниот ензим во клетките од црниот дроб. Дополнително, кај него биле откриени антибактериски, антивирални и антигабични својства.
- Алицинот исто така ја намалува крутоста на крвните садови преку ослободување азот монооксид (NO), а со тоа го снижува крвниот притисок. Исто така оневозможува формирање тромбови и има фибринолитско дејство во крвните садови, што помага при намалување на ризикот од развој на кардиоваскуларни заболувања на артериите и периферните крвни садови, а го намалува и ризикот од мозочен удар.
- Кромидот е богат извор на хром, реткиот минерал кој им помага на клетките соодветно да реагираат на нивоата на инсулин во крвта. На тој начин го олеснува дејството на инсулинот и го контролира нивото на шеќер во крвта.
- Кромидот исто така е добар извор на антиоксидантскиот флавоноид кверцетин, за кој е потврдено дека има антиканцерогени, антивоспалителни и антидијабетски функции.
- Кромидот исто така содржи солидна количина антиоксидантски витамини, витамин Ц и минералот манган, кој е потребен како кофактор за антиоксидантскиот ензим супероксид дисмутас. Дополнително, изотиоцијанатските антиоксиданси во кромидот ги олеснуваат симптомите од грип и настинки, поради антивоспалителните својства.
- Кромидот е богат со витамини и од Б-комплексот, како што се: пантотенска киселина, пиридоксин, фолати и тиамин. Пиридоксинот или витамин Б6 помага во одржувањето на високото ниво на гама-аминобутричната киселина во мозокот, што дејствува во насока на спречување на развојот на нервни заболувања.
Избор и складирање
Живиот кромид го има во продавниците во текот на целата година. Во зависност од сортата, кромидот може да има остар, лут и силен вкус и мирис, но и да биде благ. Во продавниците, кромидот е достапен свеж, замрзнат, конзервиран, мариниран, во прав или пак дехидриран.
Кога купувате кромид, барајте ги свежите главици кои се чисти, имаат убава форма, немаат отвор на вратот, а најгорните слоеви од лушпите им се суви и крцкави. Избегнувајте ги оние главици кои покажуваат знаци на ’ртење или пак имаат зафатено мувла, бидејќи тоа се знаци кои укажуваат дека се работи за постара берба.
Дополнително, главиците со лош квалитет често имаат меки точки, влага кај вратот, поцрнети делови, што пак веројатно е индикатор за скапување.
Дома складирајте го на студено и темно место, подалеку од влага и влажен воздух и на тој начин можете да го одржите свеж неколку дена. Исто така може да се чува и во фрижидер, но доколку го чувате во фрижидер, треба да го употребите веднаш по вадењето, бидејќи има тенденција да се расипе доколку отстои некое време на собна температура.
Употреба во кујната:
Поткастрете ги краевите со остар нож. Потоа излупете ги надворешните два до три слоја, додека не наидете на свежи, дебели, розовкасто-бели слоеви. Можете да ги сецкате на ленти, кругчиња или коцки, во зависност од рецептот. Зелените листови и цветните главички исто така се јадат. Младиот кромид или скалиони најчесто се користи за приготвување на брза храна.
Совети за приготвување:
- Кромидот, без разлика дали сецкан на ленти, коцки или ситни парченца, се користи во речиси сите јадења, вклучително и свежи салати, но и како зачинет гарнир.
- Во Индија и Пакистан, кромидот е една од најбараните состојки за готвење, без разлика дали се работи за подготовка на кари, запржени јадења, супи, полнети јадења, сосови, печива итн. Во овие региони кромидот се користи секојдневно.
- Кромидот е една од главните состојки во кинеското јадење чоумеин (рецепт за чие приготвување се потребни: кромид, млад кромид, зелка, благи бабури и сос од домати и чили).
- Кромидот се користи во огромен број јадења во медитеранската и континенталната европска кујна, во: салати, пица, хамбургери, супи, ролати, полнети јадења, итн.
Здравствено предупредување
Живиот кромид може да предизвика иритација на кожата, слузокожата и очите. Ова се должи на ослободувањето на алил сулфидот во гасовита форма при сечење. Кога гасот ќе се измеша со влага (вода), се претвара во сулфурна киселина. Алил сулфидот е поконцентриран на краевите, особено на долниот крај. Ефектите можат да се намалат со потопување на главицата во студена вода, неколку минути пред сечењето.