Велам Крчмарски - нели едно време имаше Крчми, немаше кафани, а јас си паметам одамна, па си знам оти беше така :)
Овој рецепт е токму од тоа време, се служеле вакви ќофтиња по крчмите, било за мезе, било со пире или во гравчето.
За да ви успеат потполно ќе мора меленото месо да е едро мелено и да го месите и месите. Потребно е да одлежи некое време во фрижидер. Потребно е да биде суво месото, затоа јас си одам во касапница и како инспектор стојам додека не ми сомелат свинско месо, без капка вода. Така знам што купувам.

- Месото ставете го во поголемо плекче и сплескајте го во него
- Ставете ги филиите леб во ладна вода за кратко да се потопат и омекнат, со рацете истискајте ги добро и изронете на ситни трошки врз месото.
- И младиот и стариот кромид ситно исецкајте и додадете кај месото.
-  Скршете јајцета врз месото.
- Додадете ги ситно сецканиот магдонос, сол и останатите зачинки.
Почнувате да месите и тоа месете својски и добро, можете да го ударате од плекчето. Тоа трае некаде околу 15 мин. Доколку месото ви е доста суво, додека го месите неколку пати само навлажнете ги рацете во ладна вода или наместо тоа слободно додадете 1-2 лажички вода, не повеќе. Повторно добро го сплескате во тавката. Поросете ја содата бикарбона и пак месете се додека добро не се измеша и спои содата со месото. Покријте со стреч-фолија, одложете во фрижидерот да одлежи најмалку 2 часа.
- Извадете го одлежаното месо, земајте со раце количина од месото од која ќе зависи и големината на ќофтето (не ви препорачувам да се мали). Трудете се навистина да направите убава округла форма (да не личат на плескавици)
- Секое оформено ќофте увалкајте го во брашното и тоа добро да поприма притоа трудејки се да им ја сочувате формата.
- Пржете ги во касерола во која ќе загреете доволно масло ( сепак да не е длабоко масло). Пржени - вадете ги и одложувајте на салфета да се впие случајно вишетокот на маслото.
Уживајте. Ќе добиете убави, вкусни,ароматни, сочни, меки - ќофтиња.
Напомена
- За овие ќофтиња користам исклучиво свинско поедро мелено месо.
- Доколку сакате помогнете си и со жицата од фритезите (или пак пржете во фритеза) - ова како идеја, инаку ги пржам во помала касерола во која наливам помалку масло и висината е доволна за да бидат добро испржени.
- Кога и да планирам да ги спремам тоа го правам покасно навечер, а утрото задолжително почнувам со нивната припрема, а одпосле планирам прилогот со нив.
- Кој не го сака Кимионот нека го изостави - сепак се работи за вкус и тој зачин е малку со покарактеристичен и мирис и дава различит вкус кој секој не го обожава, за разлика од мене.
- Мојата пријателка ги сака со ситно сецкан босилек. Кој ја сака оваа комбинација, нека стави и босилек - не го сакам овде босилекот и ги правам баш-баш по оригиналот како што сум напишала.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани