Крокети со пилешко месо
Рецептот за крокети со пилешко месо го имам одамна, јас само го модифицирав со додавање на некои состојки. Личат на фалафел ќофтиња поради наутот, но месото му дава особен шмек.
Наутот се мие убаво и се остава да кисне во ладна вода преку ноќ, да набабрат зрната. Следниот ден пак се мие убаво и се сецка во блендер со малку маслиново масло.
Месото се вари со неколку зрна бибер и ловорови листови. Кога ќе се свари, ситно се сецка и се меша со сенфот, да отстои малку.
Тиквичката се ренда на крупно и се остава да се исцеди вишокот течност, а кромидот, лукот и магдоносот заедно со сокот од лимон се ситнат во блендер или сецко, што имате. Важно е да има парчиња во смесата, да не биде како каша.
Во длабок сад се мешаат сите состојки да се добие изедначена смеса. Се зачинува по вкус (сол, свежо мелени црн бибер и коријандер, сушен зачин) и ако има вишок вода се цеди. По желба, може да се додадат и јајце и брашно, но не мора.
Се прават топчиња, се валкаат во брашно, па во изматено јајце и на крај во презла измешана со сусам. Се пржат во врело масло.
Се служат со тартар сос или слични сосови на база на мајонез.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови