Запечен спанаќ со мелено месо
Најпрво се чисти спанаќот, убаво се мие и сецка (не многу ситно), се става во тенџере да се обари. Во меѓувреме, исецканиот кромид и изренданиот морков се ставаат во тава да се пржат. Откако ќе омекнат, се става меленото месо и се ставаат зачините. Откако месото ќе потемни, се додава оризот и уште малку се промешува.
Доколку има повеќе вода во тенџерето со спанаќ, се одзема и се става во друг сад. Испржените состојки од тавата се ставаат во тенџерето со спанаќ, убаво се меша и потоа се претура во тава за печење.
Ако е потребно уште вода за да се свари оризот може да се додаде одземената вода од тенџерето во која се вареше спанаќот.
По желба може да се додаде и една лажица брашно за да биде погусто и се размешува во тавата.
Спанаќот со меленото месо и ориз се пече на 250 степени, 30-тина минути.
Матиме 1 јајце заедно со две лажици павлака и 1 филџан јогурт. 5-10 минути пред да биде испечен спанаќот, тавата се вади од рерната, се прелива со смесата од јајце, павлака и јогурт и повторно се враќа во рерната преливот да фати кора.
Со јадењето може да има јогурт или павлака како прилог, но не мора затоа што преливот му дава шмек на спанаќот.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови