Дроб сарма на мој начин
Дроб сармата во мојот дом се готви одамна, само овојпат ја спремав со мали измени за разлика од традиционалниот на кој сум навикната.
Еве како ја направив денес.
Најпрвин џигерите ги миеме заедно со марамицата. Марамицата ја оставаме настрана. Џигерите ги ставаме во тенџере со вода колку да ги облие или малку повеќе и 1/2 лажичка сол и ги провриваме околу 30 минути. Кога добро се обагрени водата ја цедиме. Ги сецкаме на ситни парченца.
Кромидот и младиот кромид ги сецкаме ситно и во подлабока тава со зејтинот ги пропржуваме на потивок оган додека да зарумени, Ја додаваме солта и џигерите. Пржиме околу пет минути. Ги додаваме потребните зачини, освен црвениот пипер.
Едниот морков го рендаме и го додаваме во смесата и пржиме околу десетина минути мешајки одвреме навреме. Компирите ги лупиме и ги сечеме на тенки кругчиња. Другиот морков го стругаме и го рендаме на ситната страна од рендето. Во смесата го додаваме истребениот ориз кој прво го плакнеме во две три води. Пржиме уште неколку минути и го додаваме црвениот пипер. Добро промешуваме.
За оваа смеса користев плекче бр 30.
Марамицата ја ставаме на дното од плекчето внимавајки од сите страни подеднакво да излегува од марамицата. Смесата ја истураме и ја распоредуваме онолку колку што ни дозволува големината на марамицата. Земаме од марамицата ја вртиме накај средината на плекчето преклопувајки врз слој од марамица и ги спојуваме со чачкалици. Така правиме се додека не ја покриеме добро целата смеса внимавајки секаде добро да биде споено со чачкалици за да не излегува од смесата надвор од марамицата. Ренданиот морков го распоредуваме насекаде и компирите исто така.
Рерната ја заграваме на 200 степени. Врелата вода ја истураме внимателно полека не наеднаш, насекаде по малку. Сармата ја ставаме во рерна. Првите десетина минути може да се покачи малку температурата за да се исцрви добро марамицата, а потоа пак да се намали јачината на околу 200 степени. Печеме околу 45 минути.
Може во меѓувреме и да пробате од оризот да не се превари односно зрната да бидат цели. Јајцата со малку сол ги матиме како за кајгана и го додаваме киселото млеко. Десетина минути пред да биде испечена сармата ја полеваме со јајцата и го враќаме во рерна.
Се надевам дека ќе ви се допаднеовој начин за припрема на дроб сарма. Ви посакувам пријатен ручек.
Забелешка
Ако имате земјени мали тавички можете на секој член од семејството да му направите за секој посебно.
Лиценца: Сите права се задржани
Кога сме кај јагнешките џигери, се надевам нема да ти смета овде на слика да видиш на што софра бевме собрани :) од првата слика што ми падна при рака.. се надевам ќе се гледа добро колку-толку...
Тоа на погорната слика е Кукурец (плетени јагнешки црева), а ова е печено пиле. :Р