Видео рецепт: Султи пита
Денес ќе готвиме заедно со Клара, готвач член на нашата веб-страница. Клара ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Султи пита.
Пита направена од голема солена палачинка, филувана со варено јајце и сирење. Брз рецепт кој може да го приготвите за појадок, или вечера, како интересна комбинација на секојдневните состојки.
Состојки
За ТЕСТО ќе ви треба:
- 4 јајца
- 250 мл. млеко
- 5 лажици брашно
- 4 лажици масло
- малку сол и шеќер
За ФИЛ ќе ви треба:
- 2 тврдо варени јајца
- 150 грама сирење
- Сол и црн бибер
За подготовка на овој рецепт користиме Делимано Ростер.
Подготовка
Чекор 1: Најпрво тврдо сварете 2 јајца, или варете ги околу 8-10 минути.
Чекор 2: Ставете го Ростерот во загреана рерна на 250 степени, со 2 лажици масло во него. Додека се загрева тавата, изматете ги јајцата со малку шеќер и сол и една лажица млеко. Кога убаво ќе се изматат постепено додавајте го брашното, постојано мешајќи, за да не се згрутчи. На крај, постепено додајте го млекото, па маслото.
Чекор 3: Извадете ја од рерна загреаната тава, но внимавајте, таа е многу врела. Истурете ја смесата за тесто и печете на 200 степени, 15 минути, или додека не порумени. Не грижете се доколку тестото се надуе, кога ќе го извадите од тавата малку ќе спласне, а откако ќе ја завиткате питата во ролат, овие подигнати делови ќе бидат во внатрешноста.
Чекор 4: Печената кора извадете ја од тавата на влажна кујнска крпа. Кога малку ќе се олади, врз неа изрендајте го сирењето, наросете црн бибер, а потоа и едно тврдо варено јајце. Доколку сирењето не е доволно солено, може да додадете и сол. Завиткајте ролат и, откако ќе постои кратко за да го добие обликот, исечете го на парчиња со дебелина од 3-4 сантиметри.
Чекор 5: Парчињата сервирајте ги во чинија легнати попречно, а потоа врз нив изрендајте го другото варено јајце.
СОВЕТ: Овој рецепт е брза варијанта на солени палачинки. Пробајте го кога ќе ви се пријадат палачинки, но немате време да стоите пред шпоретот. Верувајте, резултатот навистина ќе ви се допадне!
Ванеса, пробај ја и соленава :) Иако не изгледа дека има многу состојки, сепак се доволни за одличен вкус. Дополнително можи како додаток и кечап одозгора :)
Светулче имаш право :) Дегустатори има, но колку повеќе толку поубаво ;) Од сега на снимање организирано ќе им одиме на проба на финален производ ;)