Денес ќе готвиме заедно со Катерина, готвач член на нашата веб-страница. Катерина ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Слатко пециво со цимет и путер.

Слатко пециво со фил од цимет и путер, сплетено во форма на расцутен цвет. Додека се пече, го премачкуваме со шербет, за крцкава слатка кора.

Подготовка

Чекор 1: Во сад за матење измешајте ги сите состојки за тесто, замесете го тестото, па оставете го да нарасне околу 2 часа.

Додека стасува тестото изматете го путерот со шеќерот и циметот, за подготовка на филот.

Чекор 2: На набрашнета површина од стасаното тесто развлечете правоаголна кора. Врз неа нанесете го филот и свиткајте ја во ролат.

Расечете го ролатот во должина на 2 дела, а потоа делот со филот свртете го нагоре. Двата дела исплетете ги спирално, па свиткајте ги во вид на полжав.

Ставете го во тавата и оставете да отстои додека се загрее рерната на 180 степени.

Чекор 3: Откако ќе се загрее рерната, ставете го тестото да се пече.

За тоа време подгответе го преливот. Ставете ги шеќерот и водата да провријат 2-3 минути.

По 30 минути извадете го пецивото од рерна и премачкајте го убаво со преливот, но оставете 2 лажици за на крај. Вратете го во рерна и печете уште 10 минути.

Чекор 4: Испеченото пециво премачкајте го со остатокот од преливот и оставете го убаво да се излади, а потоа послужете.

СОВЕТ: Се надеваме дека овој видео рецепт ќе ве охрабри да подготвите еден ваков деликатес. Не само што одлично изгледа, овој рецепт ќе ги разгали сите ваши сетила!