За мене умешна домаќинка е таа која ќе го најаде семејството или успешно ќе пречека гости со мал буџет. Но, ете, не сум секогаш умешна и штедлива, па така беше и викендов. Тортава ја направив синоќа, а вечерва од неа има уште само 1/4. Веројатно тоа е добар повод да ја објавам овде...
Не е комплицирана за подготвување, освен што ви се потребни повеќе садови.
1. Интегрални кекси (користев со вкус на лешник) се основата, секако може да користите и обични, кршени јатки, овесни снегулки... Кексите ги искршив и ги измешав со растопен путер, па натапкав во калап за торта обложен со хартија за печење.
2. Во два посебни сада на тивок оган ги топев чоколадите. Млечното во 100 мил слатка павлака, а белото во 50.
3. Во посебни садови ги матев маскарпонето и остатокот од слатката павлака и на крајот ги споив.
4. Одвоив 2/3 и ги измешав во млечното чоколадо и кремот го потурив врз кексот.
5. Остатокот од слатката павлака и маскарпонето го измешав со белото чоколадо и тој крем го ставив врз кремот од млечно чоколадо.
6. Бидејќи пред некој ден се вративме од одмор, не забележав дека немам ништо за декорација па се послужив со едни колачиња кои ни останаа од одморот.
Нареден пат ќе ја направам тортава целата со бело чоколадо, но во еден дел ќе ставам боровинки или капини. Сигурна сум дека и така ќе не бендиса!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови