Тесто за кифлички и мини пици
Во млаката вода се става 1 лажица шеќер, 2 лажици брашно и квасецот и се остава да стаса 5-10 минути.
Од сите состојки се меси тесто, да биде ептен меко.
Половина од тестото го ставив во вангличка да стасува за мини пиците.
Другата половина ја поделив на две места по 6 топчиња и се оставаат да стасат 10 минути. Откако ќе стасат, од едните 6 топчиња се расукуваат мали корички, се премачкуваат со маргарин, освен последната и се редат една врз друга. И со другите 6 се прави исто. Се оставаат да стасат повторно околу 10 минути. Масата се премачкува со масло, и од едните кори се расукува една голема кора, која се сече на 16 делови и се мотаат кифлички. И со останатите се прави исто. Кифлите се редат во плех, се премачкуваат со разматена жолчка со малку масло, се наросува сусам и се оставаат во плехот повторно да стасаат 30 до 60 минути, па се печат во претходно загреана рерна на 180 С, 15-20 минути.
Половината од тестото за пици откако ќе стаса, се зема и се расукува една голема кора, и од неа се вадат кругови со чаша. На половината кругови со чаша им се вади средината, значи помало кругче, за да остане пологем празен круг во средината ( се надевам дека ме разбравте, многу се брзав додека ги правев и немав време да ја сликам постапката, и затоа се извинувам). Врз целосниот круг се става празниот круг, во средината се става малку кечап, рендана шунка и кашкавал, малку оригано, а страничниот дел на пиците се премачкува со жолчка и се наросува сусам. Се редат во плех и тие се печат на 180 С, 15-20 минути.
Колку шунка и кашкавал потрошив незнам, затоа не пишав количина, ама беше ептен малку, бидејќи пиците се малецки.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови