Телешка чорба со коска
Кога во мојата кујна се подготвува телешка чорба, тоа се прави во најголемото тенџере. Јас милувам да речам дека варам еден казан чорба.
Коската и мускулот иссечкан на коцки ги ставаме да се варат. Веднаш со нив ги додаваме целерот, пашканатот, морковите, едниот компир и главицата кромид. Оставаме да зоврие, со лажица ја собираме пената, кога ќе проврие ја намалуваме јачината на огнот, поклопуваме тенџерето и оставаме на тивко да се вари повеќе од три часа.
Со лажица решетка ја вадиме коската и парчињата месо. Го вадиме и зеленчукот. Парчињата месо со рака ги кинеме на конци и ги враќаме во тенџерето. Од коската ги вадиме сварените рскавици, ситно ги сечкаме и ги враќаме и нив во тенџерето. Бидејќи водата ни изврила дополнуваме со врела вода и оставаме да си крчка на ринглата.
Зеленчукот со малку течност го блендираме и го враќаме пополека во течноста која врие,промешувајќи за да ја добиеме саканата густина. Не мора целиот да го туриме ако мислиме дека многу ќе ни згусни, оти не треба да изгледа како каша, нели.
Вториот компир го сечкаме на мали коцкички и го додаваме во течноста да се вари. Кога ќе бидат парчињата компир до полу сварени, го додаваме фидето. Зачинуваме со сол, мешан зачин, црн пипер во зрно и мелен, ловоровиот лист и сосема на крај кога се ќе ни биде сварено, сечкаме магдонос.
Чешнињата лук ги толчиме во дрвен ваган, додаваме киселина винска и добиената смеса ја сервираме во мало садче со поклопче и го приложуваме, кој сака да си додаде во својот тањир. Јас искрено, чорбата не ја сакам зачинета со лук и киселина.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови