Опоен прекрасен мирис на путер, цимет и потпечени ореви со бадеми, ве опива кога се пече сарагливо, а пак кога ќе се потопи во шербет, е тогаш е феноменално. Посебно нешто што ме воодушеви во овој рецепт е не многу слаткиот шербет. Значи комотно можете да изедете едно, па и две парчиња и да се чувствувате таман, заситени со благо, а да не ви е „тужно“ =) Нешто што ме привлече да го направам е неговиот облик, тие прекрасни кружни парчиња.
Топло Ви го препорачувам на сите!

1. Ја загреваме рерната на 170 степени. Путерот го топиме на оган. Јаткастото овошје го ставаме во сечко и го сечкаме ама не сосема да го измелеме, туку да бидеат гранулите со 2-3 мм. Ако сакате половината сомелете ја на машинка за ореви, а остатокот исечкајте го ситно. Измешајте во него цимет и шеќер.
2. Секоја кора ја мачкаме со путер, а на секоја втора ставаме и од смесата со оревите. Внимавајте фино да ги распределите состојките за да ви бидат рамномерно распоредени, а на крај да ви остане малку путер колку да се премачкаат пресечените кругчиња.
3. Откако сме ги наредиле корите, од потесната нивна страна виткаме цврст ролат. Ролатот го сечеме на кругчиња со дебелина околу 2 см. Исечете па потоа видете во кое тавче ќе ги наредите. Јас пробав во четворно, ама се предомислив зошто ми беше големо, па потоа ги наредив во округло бр. 28. Претходно го намачкав со путер.
4. Секое парче го мачкаме со остатокот од растопениот путер. Ги ставаме да се печат околу 30-35 минути. Ги оставаме да се ладат.
5. Сите состојки за шербетот ги ставаме на оган, кога ќе почне да врие го ставаме на тивко да врие 7-8 минути, па го додаваме лимоновиот сок, па продолжуваме да вриеме на тивко уште 7-8 минути.
6. Ја прелеваме баклавата со шербет и сме добиле сарагли. Најубаво е да отстои барем 10 часаво шербетот за да убаво го упие односно ако ја спремате од вечер до следното утро. Сервирајте со сечкани фстаци или некое друго јаткасто овошје.

Забелешка
Користев кори со нишесте, такви имав купено. Можете да користите и лешници, фстаци, како ви е желбата и вкусот. Или треба да ни е шербетот жежок, а печената баклава ладна или обратно. Кај мене ја видовте постапката, таков беше наметнат редот поради обврските по дома, а вие правете како ви одговара. Можете да ставите и сок од портокал во шербетот.
Ако ја правите во поголемо тавче или ви треба поголема доза, морате да ги зголемите состојките. Јас за оваа доза пишав во колкаво тавче ги ставав парчињата. Користете јаткасто овошје по желба. Кај мене падна изборот на она што го имаше по дома.
Во зависност колку сакате да ви биде широко секое парче сарагли толку кори ќе ставате во еден ролат. Во овој случај корите беа баш тенки, а јас сакав ваква големина на парчињата па ги искористив сите кори во еден ролат, а вие по желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани