Веќе неколку години по ред, покрај другите видови на баклава и ситни блакца, Сарагли баклавата е неизбежна на софрата по повод нашата куќна слава Св.Ѓорѓија. Оваа баклава освен со нејзиниот изглед, освојува и со нејзиниот вкус. Нејзиното потекло е грчко и се прави од тенки кори и ореви (лешници, фстаци) со занимлив облик и префинет вкус.

Подготовка на шербетот -
Започнуваме со подготовка на шербетот, кој треба да биде изладен пред да ја полееме баклавата. Во тенџере на оган ги ставаме водата, шеќерот и медот, откако ќе зовријат-нека вријат 5 минути, па го додаваме лимоновиот сок и оставаме уште 5 минути да врие. Го тргаме на страна и го оставаме да се излади.
Подготовка на баклавата
Корите ги делиме на 2 дела (во мојот случај имав 14 кори) по 7 кори и правиме 2 ролати на следниот начин
- Секоја кора насекаде ја премачкуваме со помош на силиконска четка со растопен маргарин, а на секоја втора ставаме од мелените ореви (измешани со шеќерот) - значи имаме ореви на 2,4 и 6 кора....и се завиткува стегнато ролатот - од пошироката страна. 7-та кора ја оставаме на страна, ја премачкуваме и неа со растопен маргарин, врз неа го ставаме ролатот и пак го завиткуваме ролатот. Ова се прави со цел да не бидат разлистани корите на крајот. Сечеме парчиња со ширина од 2см - се добиваат 20 парчиња од еден ролат. Парчињата ги редиме едно до друго во плех премачкан со растопен маргарин. Ја повторуваме постапката и со другата половина од корите. Исечените парчиња ги премачкуваме и одозгора со растопен маргарин.
Печеме на 170 степени 40 минути, па намалуваме на 150 степени и печеме уште 30-на минути (вие прилагодете според вашата рерна)
Нека здивне 5 минути баклавата, па полејте ја со изладениот шербет.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани