Двете основни состојки за посен сладолед се замрзнато овошке или кокосово млеко. За овошните веќе има неколку рецепти па затоа се одлучив да го пробам овој втор начин. Сладоледот е толку кремаст што нема да ви се верува дека е посен. Комбинации и вкусови може да правите колку сакате, нема да погрешите ... едноставно сладоледот е одличен.
Афтер Ејт чоколатцата верувам ви се познати на сите. Ми послужија како инспирација за денешниот сладолед. Како комбинација состојките одлично се надополнуваат и си одговараат.

1. Користев кокосов крем, но можете и со кокосово млеко. Се става во сад на пареа со шеќерот и ванилата и се остава постепено да се загрее за да се растопи шеќерот.
Ментол арома немав, но се снајдов =) Може да користите било какви ментол тврди бонбони, само ставете ги во сад на оган со 50мл. вода и мешајте се додека не се растопат. Потоа додадете ја течноста во другиот сад со млекото. Доколку користите ментол арома можеби ќе треба да додадете уште малку шеќер. Со оглед дека и самите бонбони имаат шеќер во нив, 2 лажици ми беа доволно.
2. Кога шеќерот ќе се растопи тргнете го садот и оставете да се лади на собна температура. По правило изладената смеса се става во апарат за сладолед некои си 20тина мин., а потоа во замрзнувач. Јас немам апарат па отиде директно во замрзнувач.
3. За преливот ставете ги сите состојки во сад на оган и мешајте додека не се растопи шеќерот и смесата малку не се згусне.
Прелијте преку сладоледот или ставете во помал сад на страна.

Добар апетит =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани