Еве уште едно предјадење кое одлично се вклопува во празничното мени. Овие корпички наредени на чинијата со ордевер се вистинско освежување и за очите и за непцето.

Корпички
Измешајте го просеаното брашно со прашокот за печиво, зачините и маргаринот исечен на ливчиња. Истријте со прстите да добиете трошки. Додадете го јајцето и замесете мазно тесто. Ако има потреба додадете малку ладна вода. Тестото завиткајте го во пластична фолија и оставете го во фрижидер најмалку половина час.
Потоа исукајте го тенко, околу 2-3мм и вадете кружни форми, редете ги во калапот за мини мафини и малку втиснете ги за да добиете корпи. Може да ставате и парчиња тесто директно во дупчињата, но вака сите корпички ќе бидат еднакви по големина. Нема потреба да го намрсите калапот бидејќи тестото е доволно масно.
Печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 15 минути, додека не заруменат малку на рабовите. Кога ќе се испечат оставете ги малку да се подоладат во калапот, па извадете ги.

Фил
Исечкајте ги на многу мали коцкички пиперките, посолете ги и измешајте со павлаката. Може да оставите малку од пиперките за декорација.

Оладените корпички наполнете ги со филот и уживајте.

Пријатен апетит!

Овие корпички може да испечат и порано и де се чуваат во добро затворена кутија, а може и да се замрзнат, па по потреба да се вадат и одмрзнати да се полнат со фил по желба.
Ако сте направиле малку поредок фил не се грижете бидејќи тие ќе го впијат вишокот течност и пак ќе бидат супер.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани