Класично, традиционално јадење од германската кујна - полнето роловано јунешко или телешко месо во превкусен сос. Секој дом си има свој рецепт за нивна подготовка, но состојките како сенф и кромид се среќаваат во секој од нив. Како прилог со овој превкусен ручек се служи варен компир или пире од компири. За нивна подготовка ќе ви треба малку подолго време, но верувајте секоја минута вложена во подготовката вреди... И вкусот е предобар!

Подготовка
1. Целерот, морковите, коренот од магдонос и четирите главици кромид исечкајте ги на крупно. Тргнете ги на страна. Киселите краставички исечете ги по должина на стапчиња (секоја краставичка на четири стапчиња). Главицата кромид исечете ја на тенки полумесечинки.

2. Шницлите зачинете ги со сол и црн бибер од двете страни. Од едната страна премачкајте ги со по 2 лажички сенф, ставете по две ленти сланина, наредете по должина од тенко сечканиот кромид (на полумесечинки) и на крајот од шницлата ставете по две стапчиња кисели краставички. Преклопете ги страните на шницлата на внатре (како сарма кога виткате) и заролајте во ролат. Вака подготвените ролати заврзете ги како пакетчиња со кујнски конец. Секој ролат извалкајте го во брашно од сите страни и,вишокот брашно истресете го.

3. Во пекач со капак или некоја подлабока тава со капак, ставете зејтин да се загрева на не многу висока температура. Ставете ги ролатите да се запржат од сите страни, меѓутоа внимавајте да не загори брашното кое ќе остане на дното од пекачот. Извадете ги пржените ролати и тргнете на страна.

4. Во зејтинот во кој се пржеа, ставете го сечканиот зеленчук да се пржи. Кога малку ќе омекне, додадете го доматното пире и шеќерот и тоа убаво да се запржи. Додадете ловоров лист и вино. Оставете така да се крчка некои 10 минути. Ќе видите дека брашното кое остана на дното од пекачот ќе се раствори и течноста почнува да се згуснува.

5. Ставете ги сега ролатите врз зеленчукот и налејте го бујонот. Ролатите треба скоро целосно да бидат во течноста. Доколку има потреба доставете вода. Оставете да зоврие, намалете ја температурата на средна и поклопете со капак, но не сосема, туку на половина да е покриен пекачот. Оставете така да крчка 2 часа. На половина време превртете ги ролатите од другата страна.

За сосот, останува на вас да одлучите дали зеленчукот ќе го испасирате и додадете во сосот. Јас го процедувам сосот низ цедалка, а зеленчукот не го додавам, и без него е веќе доволно густ и многу вкусен.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани