Плескавици од тиквички
Кај овој рецепт ми се допаѓа тоа што има малку брашно и предоминираат тиквичките и нивниот вкус. Задолжително е да бидат тиквиците исцедени од водата убаво и цедењето да трае подолго време, минимум еден саат колку поисцедени, толку помалку брашно ќе ви треба, може и воопшто нема да ви треба, затоа е наведено по потреба.
Подготовка
Прво изрендајте ги тиквиците, посолете ги и оставете ги да го ослободат вишокот на вода. Одвреме на време стискајте ги со рака и цедете ја водата. Оставете ги слободно 1 саат и повеќе во фрижидер.
Потоа измешајте ги со јајцата, додадете гриз, презла, магдонос, лукче, црн бибер, прашокот за пециво, а сол по потреба зашто претходно биле посолени. Измешајте убаво и ако смесата не е доволно густа, додадете 1-2 лажици брашно.
Потоа, во тава со загреано масло (користев Делимано фајвстар тава) вадете со лажица од смесата и истапкајте убаво и обликувајте со лажицата кружни форми со дебелина од околу 6-7 мм. Пржете на средна температура, превртете ги од другата страна по 7-8 минути. Готовите плескавици вадете ги на чинија со салвета за да се впие вишокот на маснотија.
Сервирајте со павлака, сирење, домат или по желба.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови