Комбинацијата на сушен кромид и ким дава вкус многу сличен на месо. Плескавициве би сакала да ги пробате зошто мнооогу добри сендвичи се прават со нив.

Подготовка
Овесните и пченичните снегулки заедно со ленот, сончогледот и сусамот се мелат во Нутрибулет или блендер. Сушениот кромид и кимот исто така се мелат. Јас кога правам голема количина ги мелам во Нутрибулет, а ако е помала дозата во машинка за кафе. Жалфијата и мајчината душичка ми се крупни, како за чај и нив ги мелам. Сите состојки ги промешуваме во еден сад, додаваме вода колку да се замеси целата смеса, малку масло за вкус и го оставаме околу 10 минути да отстои. Така ќе знаете дали е доволно количеството на вода кое сте го ставиле. Не треба да ви е многу суво ниту пак премногу влажно, за да ги оформите убаво плескавиците. Ги печеме во рерна или ги пржиме во тава на малку масло. Ја користев Делициа грил тавата и само капнував по неколку капки масло за вкус додека се печеа.
Забелешка
Состојките за овие плескавици обично ја правам претходно, дупла доза и ја одложувам во тегла. Па кога ми е потребно само замешувам со вода и ги печам. Од горенапишаните состојки излегуваат околу 20 плескавици.