Пинџурот на мајка ми
Рецептот од мајка ми кој не го менувам за ништо. Лето не е лето ако не се подготви барем еднаш (а кај нас богами многу многу често).
1. На модрите патлиџани отстранете им ги краевите, пресечете ги на половина и заедно со доматите ставете ги во плех и во загреана рерна да се печат.
2. Пиперките по желба може да бидат и лути или мешани, кој како си јаде. И пиперките треба да се испечат. Јас тоа го правам на шпоретот, може во рерна или на оние големи ќумбиња за правење ајвар.
Кога се ќе се испече ставете ги посебно пиперките и модрите патлиџани во кеси да се задушат за полесно да ги излупите.
3. Во сад за толчење прво ставете го лукчето со малку сол и толчете додека се добие смеса налик на паста. Потоа ставете ги пиперките и продолжете со толчење додека добиете убава смеса, не е страшно и да остане некое покрупно парче. На истиот начин истолчете ги и модрите патлиџани и доматите. Потоа измешајте ги сите заедно и посолете по вкус. Зејтинот загрејте го убаво и прелијте го пинџурот. Префрлете во сад и ставете во фрижидер убаво да се излади и да се соединат вкусовите.
Послужете за ручек со домашно топло лепче и уживајте.
Добар апетит.
Лиценца: Сите права се задржани
Благодарам и за помошта околу името, истото и јас мислев да го напишам првично :)