Париз – Брест колач (Јубилеен 800-ти рецепт)
Парис-Брест колач го претставувам како јубилеен 800 рецепт објавен на оваа наша сакана страна Мои рецепти, а подготвен во мојата кујна. Има повеќе начини да се подготви ово рецепт , а јас го одбрав овој за кој читав дека е најблиску до оригиналот. Париз-Брест- Париз е велосипедска трка која се одржува на секои четири години и имено годината кога започнала, слаткарот чија слаткарница се наоѓала на дел од делницата конструирал колач во форма на тркало од варено тесто и кремаст фил во кој има паста од гријаж. Составот и историјата на рецептот беа доволен предизвик за мене да го направам овој деликатес па и да си го завземе пиедесталот за јубилеен. Се радувам што овој јубилеен рецепт е објавен точно на овој ден, бидејќи пред точно четири години е објавен и мојот прв рецепт на страницава. Тогаш бев многу среќна и неверојатно, ама и после толку години и толку објавени рецепти, за секој напишан рецепт ја чувствувам истата радост. Радоста произлегува од чувството да се споделува среќата со другите, јас тоа го правам на овој начин. Готвам за домашните мои и таа љубов кон готвењето, создавањето нови вкусови на храна, со голема љубов ја споделувам со вас овде.
Создавајте со љубов и правете работи што ве прават среќни Вас и луѓето околу вас!
Подготовка на гријажот
1. Бадемите и лешниците ги потпекуваме, па ги ладиме.
2. Во тенџере на средна температура ставаме шеќерот со водата да зовријат до златно кафеава боја, да се карамелизира. Ги ставаме лешниците и бадемите.
3. Целата смеса ја истураме на хартија за печење и оставаме да се добро излади и стегне.
4. Откако ќе се излади гријажот го ставаме во Нутрибулет или блендер и блендираме до паста. Повремено правете паузи и промешувајте додека да се изедначи густината на пастата.
Подготовка на варено тесто
1. Млекото, водата, путерот, шеќерот и солта ги ставаме во тенџере да се загреат до вриење. Го тргаме тенџерето на страна па го додаваме брашното. Мешаме, соединуваме па го враќаме на рингла со мешање околу 2 минути. Го оставаме тестото да излади.
2. Во изладеното тесто ги ставаме јајцата ама едно по едно, значи едно јајце и мешаме со дрвена лажица до соединување, па следното и така со сите. Смесата ја ставаме во шприц со отвор од 1 см.
3. На хартија за печење или во намрсено и набрашнето тавче бр.26 правиме круг со повеќе слоеви (најдобро е два круга еден до друг и трет врз нив на средина)со пречник од 20 см, иако јас направив повеќе кругови, некако потесен ми беше отворот на шприцот.
4. Премачкуваме со изматена жолчка(иако овој дел јас го пропуштив) и го наросуваме со бадем во листови.
5. Го печеме во загреана рерна на 180 степени околу1/2 час. За тоа време не ја отвораме рерната, како кога печеме еклери.
Откако ќе се испече тестото може да ја подотворите малку вратата од рерна и да остовите тестото да се допече т.е. досуши.
6. Откако ќе се излади го сечеме на половина по должина.
Подготовка на фил
1. Млекото со шеќерот го ставаме да почне да врие. На страна ги соединуваме жолчките со брашното и густинот. Кога млекото ќе го доведеме до точка на вриење дел од него истураме во смесата од жолчките. Мешаме со рачна маталка и смесата ја истураме во млекото. Продолжуваме со подготовката односно мешаме до згуснување. 2. Го тргаме на страна, ставаме путер и ванила екстракт, промешуваме и оставаме да олади.
3. Откако ќе излади го соединуваме најпрво со гријаж пастата па го додаваме пенасто изматениот путер. Може да го ставиме кратко во фрижидер да се стегне за да се направат убави бранови кога ќе се филува колачот.
4. Го ставаме филот во шприц и го распоредуваме насекаде на едната половина. Го поклопуваме со другата половина, наросуваме шеќер во прав и сервираме.