Декорацииве ги направив за украсување на торта.
Се ближи роденденот на еден Наумче и си реков да го израдувам... )))

Започнуваме со месење на локумот со нишестето. Колку ќе прими локумот, толку, но смесата да не биде ни мека, ни многу јака. При работењето ако ни се лепи, дланките ги премачкуваме со малку маргарин и си продолжуваме со работа. Така и боите ќе станат поинтензивни.
Одкако сме го измесиле убаво локумот, го делиме по потреба на парчиња и го боиме со прехрамбени бои.Јас користам најчесто бои во прав, кои ги растворам во неколку капки алкохол-узо или во краен случај домашна ракија. Алкохолот брзо испарува, а боите убаво се раствораат. Додека гел боите само се додаваат и се меси.
Кога имаме готови смеси со бои, ги завиткуваме со најлонска фолија и по потреба си вадиме делче и работиме.
Фигурите се прават неколку дена претходно пред да треба да се стават на тортата за убаво да се исушат, за да можат самостојно да стојат. При слепување на делчиња користиме малку обична вода, која ја нанесуваме со обично да речам училишно четче.
Ќе се обидам да објаснам на кратко како ги изработив овие на фотографијава.
Снешкото е направен од 3 дела. Бел, најдолниот дел - се прави топче и се остава да се суши. Плавиот дел-се прави исто од топче, но малку издолжено, конусовидно. И овој дел се остава да се суши. Главата -помало бело топче, на кое се вдлабнува малку на местото каде ќе стојат очите и носот. Се засекува на местото за уста.
Капата од мало топче, кое се обликова на тој начин што се расплескува на показалецот, а кон врвот се собира и му се лепи бело мало топче.
За рацете две правоаголни форми, малку подсвиткани во средината и дланка направена од мал бел дел кој на едниот крај се засекува, формирајќи палче. Се составува со помош на чепкалка.
Вака објаснувањево изгледа нејасно, изработката комплицирана, но кога ќе почни да ги правите и гледате од фотографијата, верувајте ми лесно е. Сите делови ги оставив преку ноќ да се сушат на топло, а утрото ги составив со помош на чепкалки. Зошто ако веднаш ги составиме можи да го изменат обликот заради тежината, а меки се.
Куќичката е од стиропор кој е скроен во таков облик и обложен со кафеав локум. За поинтензивна боја, додадов малку какао. Се украсува.
Елката се прави од шест сите со различна големина зелени топчиња, кој меѓу прсти се обликоваат и засекуваат со нож на неколку места, од надворешната страна према внатре. Се нанижуваат на стапче за раженче.
Бидејќи ако продолжам со објаснување ќе дојди многу долго за читање, по барање ќе опишам ако треба за уште некој детал, но мислам од фотографиите ќе се уочи.
Или пак си правите форми какви вие си сакате...
Се надевам на некој ќе му послужи овај рецепт, ќе израдувате некое ангелче. )))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани