Намаз со лук (мајонез, сос, маринада)(посно, веган)
Не можев и не можев да преболам што не ми успева да го направам Намазот од лук на Љиља секој пат, а толку многу го сакавме. За тој намаз требало лукот да е посвеж, а таков не ми влетува постојано, па се заинатив и почнав да го приготвувам овој, по некој готвачки ИНСЕКАТ кој ме никад не вара =))
И како за нешто што прв пат го правев излезе ненормално добро. Првата доза ја правев 5 пати поголема од основната, но ја запишав основната за попрегледно да биде ако некој сака да калкулира дози.
Од дозата со 500мл вода, 5 лажици нишесте итн итн, што ја правев излезе 1, 5 големи тегли и користев сок од цел лимон и цела главица лук. Лукот е по желба, лимонот задолжителен.
Второто правење беше 10 пати поголема доза од основната, бидејки првото приготвено го снема за еден ден =))
Ставете ја водата во сад на оган. Во помал сад, чаша или шоља, ставете го густинот и додадете вода од вкупната количина на вода потребна за подготовка.
Убаво растворете го густинот, да нема грутки. Лесно и брзо се раствара.
Кога водата ќе почне да врие, додадете го густинот и мешајте убаво да се згусне смесата. Ќе знаете дека е готово кога ќе почнат да остануваат форми на горниот дел од густинот.
Тргнете го на страна и оставете го да се олади. Можете да го мешате од време на време за да се олади побрзо.
Додека густинот се лади, исчистете го лукот. Ние многу го сакаме вкусот на лук, па затоа и дозата на лук е појака.
Лукот испасирајте го на преса, истолчете го со толчник, испасирајте го во блендер, што имате и како и да ви одговара, така направете.
Јас целата доза ја ставив во блендер со малку масло и ја пасирав додека не стана хомогена.
Доколку сакате можете да оставите поголеми парченца.
Откако густинот ќе се олади, почнете да го матите со миксер. Користете поголем сад од колку што е волуменот на густинот, бидејки смесата се зголемува двојно со додавање на другите состојки.
При матењето на густинот, во тенок млаз, во неколку наврати додавајте го маслото.
Кога ќе забележите дека останува масло на површината, прекинете со додавањето на масло и миксирајте додека густинот не го впие маслото.
Не го додавајте цело масло одеднаш бидејки може да не се соединат убаво и маслото да избие на површина.
Кога ќе се соединат густинот и маслото убаво, додадете ги останатите состојки со постојано миксирање. Смесата ќе ви личи масна се додека не го додадете лимонот. По кратко време миксирање со лимон, смесата ќе ја добие конечната конзистенција.
Пробајте на вкус за сол, можеби и сенф и лук. Имајте на ум дека пожелно е да има малку повеќе лук, бидејки секогаш ќе биде комбиниран со нешто друго, па интензитетот на лукот ќе се намали. Никој нема да го срка од тегла....освен јас и младунче де =))
Складирајте во тегли или садови по желба и чувајте го во фрижидер. Може да стои без проблем 15-20 дена минимум. Во принцип нема што да се расипе бидејки нема јајца или млеко во него.
Малку неоправдано, ама го пишав и како сурово, бидејки само густинот се вари, сите други состојки се свежи.
Можете да го користите за што сакате
- како намаз на леб
- како сос за крекери
- како премаз за месо
- како додаток во супи
Младунче (3г) го јаде со лажица од тегла, а Оги Синко (2 г) проба еднаш и сега бега по куќа и вика НЕ НЕ =)
Лиценца: Сите права се задржани