Медитерански селски леб
Лиевито Мадре заедно со водата ставете ги во длабок сад, и со жица за матење енергично изматете за да добиете бела пена (како кога матите белки). Покријте со крпа и оставете 30 мин. да одмори.
Додадете го брашното за пица и семолата (мелениот гриз) и кратко изматете со миксер (спирални маталки) за да се спојат состојките. Покријте повторно со крпа и оставете 60 мин. да отстои тестото.
Додадете го квасецот и медот и матете со мала брзина на миксерот 8-10 минути. Додадете солта и маслото, малку зголемете ја брзината на миксерот, и продолжете со матење уште 2-3 минути.
Покријте со крпа и ставете го да стасува 1,5-2 часа на температура од 26-28°Ц (на собна температура од 20-22°Ц ќе ви треба дупло повеќе време). После 30 и 60 минути диплете го тестото од сите страни.
Префрлете го тестото на добро набрашнета површина, и со помош на шпатула оформете топка. Во длабок сад ставете една памучна крпа и убаво набрашнете ја. Ставете го оформеното тесто во неа, покријте со друга чиста крпа, и ставете во фрижидер да отстои 12-14 часа на температура од 5°Ц (при температура од 8°Ц се скратува времето на 8-10 часа).
Вклучете ја рерната да се загрева на 250 степени. Пекач/тенџере од леано (гусано) железо со капак или пак длабок земјен сад со капак ставете во рерната да се загреат.
Извадете го тестото од фрижидер и префрлете го на хартија за печење. Направете длабок рез на тестото по должината. Ставете го во врелиот пекач (заедно со хартијата), поклопете со капак и ставете да се печи вкупно 45 минути. После 20 минути намалете ја температурата на 220 степени. 10 минути пред крајот на печењето, тргнете го капакот и оставете да се допечи.
Извадете го печениот леб од пекачот и оставете го на решетка да се излади потполно.
Забелешка- Можеби ќе ви се чини целава постапка комплицирана или дека има многу работа околу подготовката. Вкупно работа околу лебов имате најмногу 30 минути, останатото време тестото само си го прави своето. Кај мене тестото стои на собна температура околу 21-22 степени и го оставам 4 часа да нараснува. Го предиплувам после еден и после два часа стоење. Температурата во фрижидерот кај мене е 7 степени и тестото стои 11 часа во него.
Значи, со подготовката започнувам нпр. во сабота на кај 14-15 часот, а лебот го ставам да се печи во недела наутро околу 7-8 часот. Ова го пишувам со цел, оној кој ке си реши да го подготви лебов, да знае како да си го испланира времето, се разбира според можностите.
Лиценца: Сите права се задржани