Првиот рецепт за лава го добив од една пријателка и тој, со мали модификации, го користам неколку години со ред. Сум пробала и други, но овој ми е највкусен па одлучив да се држам до него.
Чоколадото и путерот растопете ги на ниска температура и оставете ги да се оладат малку. Јајцата изматете ги со шеќерот, а по додавањето на брашното мешајте со лажица. Додадете ги чоколадото и путерот и продолжете со мешање. Смесата оставете ја во фрижидер неколку часа (јас секогаш ја оставам преку ноќ). Некогаш правам дупла доза и дел замрзнувам. Смесата се става во калапчиња за мафини и колачињата се печат на 180 степени десетина минути. Јас имам рерна со вентиларот, во обична би траело некоја минута повеќе. Важно е да го тргнете колачето веднаш штом фати кора за да може внатрешниот дел да остане течен.
Одлучив сладоледот од ванила да со заменам со овошен и да направам здрава варијанта за да се тешам дека барем половина од десертот е здрав, кога веќе не може целиот...
Бананите исецкајте ги на тркалца и оставете ги во замрзнувач преку ноќ. Потоа заедно со капините и кокосовото масло изблендирајте ги. Измешајте ги со киселото млеко и кокосот. Јас сличен сладолед правам и со слатка павлака па ако сакате кремав сладолед, сите овие состојки додајте ги во убаво изматена цврска павлака (околу 300 мил). Ако сладоледот самостојно го служите, може и да го засладите со мед или шеќер. Јас не го засладив овојпат оти лавата е премногу блага за мој вкус, па на овој начин ја неутрализирав блажината.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови