Конечно нешто и од мојот тефтер со рецепти. Сум имала и јас нешто запишано, но никогаш не сум стигнала да го приготвам од што готвам туѓи рецепти од МоиРецепти.=))
Од сега па натака, почесто ќе го приготвувам, бидејки супер испадна. Ем лесно, ем брзо. Само малку тартар сосче со бело вино во смесата и не мора годинава на море. Не мора море и тераса врши работа =))

Се става водата во сад, кога ќе зоврие се додава оризот, се намалува огинот и се вари додека водата не испари. Се меша почесто за да не се залепи оризот. Се остава да се олади и се додава сирењето (рендано или дробено) и јајцето. Од како убаво ќе го измешате да се соедини, пробајте на вкус за сол и бибер.

Од смесата направете кофтенца или стапчиња. Смесата е густа, не се лепи, а ако се лепи малку навлажнете ги рацете со вода. Секое ќофтенце потопете го во изматеното јајце, па во презла или нишесте и пржете го во подлабоко масло.
Ќофтенцата нараснуваат, кората е крцкава, феноменално мезе.

Е сега. Јас по грешка, во смесата со ориз не ставив јајце. Супер беше, ама мислам дека поубаво ќе нараснеа со јајце во смесата.
Двете јајца ги искористив за похувањето со презла. Оргиналниот рецепт за похување е со јајце и нишесте, но не знам како е можно, дома нишесте немаше. Такви работи обично купувам на големо од магацин, да се најде, да не случајно гладни останеме =))

Во секој случај, брзо, лесно и вкусно. Пилиштарциве се утепаа од јадење, па и се затепаа за ќофтенце =))
Пилиштарците одобрија! =))

П.С
Ги направив и со нишесте, но со презла беа поубави, покрцкави.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани