Кифлички и погачици со три вида брашно
Во сад се ставаат сите состојки за тестото и се замесува. Мора да се внимава млекото да е млако, за да не се уништи квасецот. Убаво се замесува, да се добие хомогена смеса, па се остава во садот, премачкано со малку зејтин (за да не фаќа кора) и прекриено со чиста кујнска крпа за да стаса. За стасување потребни се околу 20 минути, зависи од температурата во просторијата во која ќе стасува.
Откако ќе стаса се вади од садот и се дели по потреба, зависно што сакате да правите. Конкретно во овој случај, од половината тесто јас ги направив погачиците, а од другата половина кифличките.
Од половина тесто испаѓаат околу 14 погачици.
Од тестото се откинуваат топченца, се месат и се редат во подмачкан плех со зејтин. Се оставаат малку да стасаат па се налегаат со соодветен сад (во случајов капаче од тегла) за да не се многу високи (јас така ги сакам за да можам да си правам сендвичиња). Потоа се премачкуваат со жолчка, се напрскуваат со интегралниот сусам и семиња по желба, измеѓу се става од маргаринот соодветен дел (250 гр е за цела доза, па зависно од тоа колку ви збира плехчето толку маргарин ќе ставите), па се ставаат да се печат во загреана рерна на 225 степени околу 15-20 минути. И тоа си зависи од јачината на рерната. Кога ќе се вцрви убаво намачканата жолчка одозгора - доволно е, испечени се.
Другата половина, ја поделив на два дела. Од секој дел се сука круг, отприлика со дијаметар од 25-35 сантиметри. Се премачкува тестото со намазот од маслинки (по желба може да се додаде и кечап), потоа се сече на 16 еднакви делови и се мотааткифличките. Се оставаат да стасаат малку, па се премачкуваат со жолчка, попрскуваат со сусам, се става маргарин и се ставаат да се печат во загреана рерна на 225 степени.
Многу се меки и вкусни, пробајте ги нема да зажалите !
Наздравје !
Лиценца: Сите права се задржани