Испечати

Кифлички и погачици со три вида брашно

Кифлички и погачици со три вида брашно

Состојки

  • Тесто
  • 1 свеж квасец
  • 500 мл млако млеко
  • 2 мали лажици сол
  • 5 мали лажици шеќер
  • 13 големи лажици зејтин
  • 1 голема лажица алкохолен оцет
  • 2 јајца
  • 1 белка
  • 300 гр интегрално ржано брашно
  • 300 гр интегрално пченично брашно
  • 600 гр бело пченично брашно (ако е многу меко тестото додавате уште малку - по потреба)
  • 30 гр семки од сончоглед
  • 30 гр семки од тиква
  • За премачкување
  • 1-2 жолчки
  • 100 гр интегрален сусам
  • 250 гр маргарин или путер
  • Фил за кифлички
  • 100 гр црни маслинки (изблендирани)
  • 1 мала лажица зејтин

Подготовка

Во сад се ставаат сите состојки за тестото и се замесува. Мора да се внимава млекото да е млако, за да не се уништи квасецот. Убаво се замесува, да се добие хомогена смеса, па се остава во садот, премачкано со малку зејтин (за да не фаќа кора) и прекриено со чиста кујнска крпа за да стаса. За стасување потребни се околу 20 минути, зависи од температурата во просторијата во која ќе стасува.

Откако ќе стаса се вади од садот и се дели по потреба, зависно што сакате да правите. Конкретно во овој случај, од половината тесто јас ги направив погачиците, а од другата половина кифличките.

Од половина тесто испаѓаат околу 14 погачици.
Од тестото се откинуваат топченца, се месат и се редат во подмачкан плех со зејтин. Се оставаат малку да стасаат па се налегаат со соодветен сад (во случајов капаче од тегла) за да не се многу високи (јас така ги сакам за да можам да си правам сендвичиња). Потоа се премачкуваат со жолчка, се напрскуваат со интегралниот сусам и семиња по желба, измеѓу се става од маргаринот соодветен дел (250 гр е за цела доза, па зависно од тоа колку ви збира плехчето толку маргарин ќе ставите), па се ставаат да се печат во загреана рерна на 225 степени околу 15-20 минути. И тоа си зависи од јачината на рерната. Кога ќе се вцрви убаво намачканата жолчка одозгора - доволно е, испечени се.

Другата половина, ја поделив на два дела. Од секој дел се сука круг, отприлика со дијаметар од 25-35 сантиметри. Се премачкува тестото со намазот од маслинки (по желба може да се додаде и кечап), потоа се сече на 16 еднакви делови и се мотааткифличките. Се оставаат да стасаат малку, па се премачкуваат со жолчка, попрскуваат со сусам, се става маргарин и се ставаат да се печат во загреана рерна на 225 степени.

Многу се меки и вкусни, пробајте ги нема да зажалите !
Наздравје !