Ова ми е посебно мил рецепт. Си го донесов од моето патување во Колмар - Франција. Секогаш кога го подготвувам, ме посетува на убавините на малото, бајковито француско гратче.

Во сувото грозје додадете го румот, промешајте и оставете така 1-2 часа. Промешувајте од време на време за целото грозје да го впие румот. Квасецот растворете го во млакото млеко, додадете 1 лажица од вкупната количина на брашно и 1/2 лажица шеќер. Оставете квасецот да се активира. Во длабок сад ставете го брашното, путерот, солта, јајцата и шеќерот, додадете го стасаниот квасец и замесете меко и лепливо тесто. Јас го матев со миксер, со маталките за тесто. Тестото треба подолго време да се меси, некои 10-15 минути или додека да почнат да се прават балони од воздух во тестото. Покријте со крпа и оставете да стасува на топло место додека волуменот видно се зголеми (околу 1 и 1/2 час).
Модлата за куглоф убаво премачкајте ја со путер и лесно набрашнете ја. На дното од модлата, во секоја вдлабнатина ставете по еден бадем. Откако тестото стасало, додадете го сувото грозје и повторно измесете го но овој пат само кратко. Префрлете го во модлата, покријте со крпа и оставете да стаса по втор пат. Тестото треба да нарасне барем до два прста под работ од модлата. Печете на 185 степени во претходно загреана рерна, околу 40-45 минути. Направете проба со чепкалка за да видите дали е печено. Откако се испекло, оставете во модлата да отстои некои 10 минути па потоа префрлете го во тањир за послужување. Одозгора наросете го со шеќер во прав.
Напомена
Кугловот не е многу благ, не е како вообичаениот што си го знаеме, а тестото е многу, многу меко. Се служи како појадок со додаток на мармалад.