Прво да се пофалам дека ДАНИ ми го даде рецептот пред месец и кусур и дека пред да го објавам си побарав дозвола. Да се знае! =))
Фала Дани, рецептот е лудило. Сега ќе правиме и втора тура.

Пред да почнам со објаснувањето да кажам дека ДОЗАТА Е ПРЕГОЛЕМА. Не дека нема да се изеде, туку потребно е да се суши тараната распослана по кревети и маси неколку дена, па размислете дали ќе ја правите целата одеднаш или ќе ја поделите на повеќе делови. Да не испадне после на земја да спиете =))

Јајцата се матат со миксер, се додава јогуртот (јас ставив домашно овчо кисело млеко) и солта убаво да се соединат. На маса или во голем сад се става брашното и се посипува со смесата и долго се меси додека не се добие тврдо изедначено тесто. Јас да бидам искрена, толку долго го месев, што паника ме фати дека сум утнала нешто =))

Од како ќе се добие изедначено тесто се ренда на крупната страна на рендето и се посипува врз чист чаршав. Се остава да се суши. Се превртува (промешува) неколку пати во текот на сушењето за убаво да се исуши од сите страни.
Кога ќе биде сува, се дроби со рака и се пакува. Јас ја чувам во големо пластично пакување од маринирани печурки за да не фати влага.

Ненормално добра е варена и прелеана со врел зејтин со пропржена презла и рендано сиренце.
Во тавче на дното се сипа зејтин. Зејтинот убаво се загрева, како за пржење, се додава презлата, убаво се пропржува, да замириса на пржено лепче, па со таа смеса се прелева варената тарана. Треба да шушти кога ќе се прелева. Убаво се промешува и се ренда сиренце.
Звучи како бедно јадење, ама не да е добро....три дена по ред само тоа јадевме.
Е ТОЛКУ Е ДОБРО =))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови