Штангли од кикирики
Нешто слично на бајадерата, само со кикирики и малку поинаква глазура. Омилени слатки во семејството, по старински рецепт по кој спремале и моите баби.
Путерот и шеќерот се матат да се добие кремаста смеса. Се додаваат жолчките и убаво се мати.
Кикириките, оревите и бисквитите се толчат во аван, да не бидат многу крупни.
Чоколадото се ренда на ситно.
Сувите состојки се мешаат во смесата од путер, шеќер и жолчки и се меси убаво со рака да се добие хомогена леплива смеса. Може да додадете и малку млеко, ако не се доволно поврзани состојките, самите ќе процените.
Смесата се става во обложено правоаголно тавче или калап и се обликува кора со дебелина од еден прст.
На тивок оган во нелеплив сад се топат шеќерот со сокот од лимон, путерот и румот да се добие течна глазура или прелив со кој се прелива кората. Треба брзо да се работи, бидејќи глазурата многу брзо се стврднува.
После 24 часа (пожелно) се вади колачот од калапот и се сечат штангли. Јас не бев стрплива, ги исеков порано, се гледа и на сликата.
Да напоменам дека малку скратив од шеќерот во кората, бидејќи самата глазура е доволно слатка. Многу често ми се случува да кратам шеќер во слатки рецепти, ако мислам дека е премногу. Овде глазурата доволно засладува, иако има и киселкаст вкус кој дава посебен шмек. Не знам колку ви е познато, ама оваа глазура постарите ја нарекуваат фондан, а не е ни приближно слична на оној фондан за торти кој се користи денес.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови