Сируп од боровинки (без варење)
Сирупите најчесто ги подготвувам на овој начин за да се задржат корисните состојки од овошјето, односно да не ги изгубат својствата со термичката обработка.
1. Боровинките ги миеме во две три води, со лесно промешување. Потребно е со лимонтусот и во вода да отстојат 12-16 часа. Потоа се процедуваат низ газа и течноста што ќе ни излезе од нив ја мериме. На литар течност додаваме 1 кг шеќер. Мешаме додека да се растопи шеќерот. Флашираме, добро ги затвораме шишињата и ги ставаме на ладно, јас моите во подрум.
Ова е оригиналната верзија на подготовка, а сега ќе ви раскажам како јас го подготвив овој пат сирупот.
2. Боровинките ги измив и ги пуштив низ споровртечкиот соковник (работи како преса, како машините за мелење месо, ама со поголем притисок). Сокот што излезе го измешав со лимонтусите и шеќерот. Мешав додека убаво да се раствори односно, мешате, па си гледате друга работа, па пак мешате. Така до целосно растопување на шеќерот. Флаширате, добро затворате и во подрум на ладно.
Ако ви се тазе боровинките, 7 литри сируп излегува од оваа доза.
Лиценца: Сите права се задржани