Сарма од лозов лист и сланина во земјена тава
За подготовка на овој рецепт можете да користите домашни листови од винова лоза или готови листови во тегла.
Ако се одлучите за домашни листови тоагаш постапката е следна:
Пред да почнеме да работиме со рецептата треба листовите од виновата лоза да ги обариме.
Ставете во сад со вода малку сол и оставете да проврие.
Штом врие пуштете ги листовите.
Ставив околу 30 листови. Веднаш ќе ја сменат бојата.
Оставаме минутка до две и ги вадиме да се исцедат.
Во тавче на оган ќе го сприготвиме филот.
Ставаме отприлика 400 гр мелено месо.
Е сега овде ќе оставам на вас некој сака мешано, а некој сака само свинско месо. Мојата варијанта е со мешано мелено месо.
Во тавчето запржуваме прво мешавина од лук, морков и кромид, ситно сецкано.
Јас ги минам на сецкото, па ги ситнам убаво.
Откако ќе се испржи убаво, го додаваме меленото месо.
Потоа го додаваме оризот. Ставив две супени лажици кои претходно ги потопив во вода и ги оставив да се набабрат.
Зачинуваме со сол и мешан сув зачин,а потоа и со црвен пипер.
Кога смесата е изедначено пржена додаваме ситно сецкан магдонос.
Кога филот е готов, ги земаме листовите и филуваме.
На секој лист ставаме по две лажичиња фили виткаме топчиња.
Вака спремните топчиња ги редиме во земјен сад каде ќе крчка сармата.
На долниот дел од тавата попрскав малку масло.
По вкус кој сака може да додаде парчиња сланина помеѓу сармичките или на дното на тавата.
Ги прелеваме вода. Нека биде тоа еден прст над нив, па ставете ги во загреана рерна околу 40 минути.
Кога се готови може да ги служите со кисело млеко или павлака. Нека ви е слатко.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови