Ролати три во едно
Од просеаното брашно, квасецот и другите состојки потребни за истото замесуваме средно меко тесто. Го оставаме да се дуплира на топло место околу 40 минути.
Кога е стасано тестото го делиме на три дела. Сецканиот праз го делиме исто на 3 дела. Во едниот дел ја додаваме сецканата салама, во другиот сирењето и последниот дел само праз во кој малку ќе додадете сол по вкус.
Тестото е еластично и убаво за работа.
Го земаме тестото и малку го развлекуваме со рацете во должина да добие правоаголна форма и го ставаме на побрашнета работна површина. Од секој дел расукуваме правоаголна кора должина околу 35 цм или зависно од димензиите на правоаголното плекче во кое ќе печете. Дебелината на кората околу 3 мм. Кората ја попрскуваме со зејтин.
Ролатот што ќе го филуваме со праз и сирење фил ставаме на двете страни од кората на растојание околу 3 прста од почетокот на кората и исто и од другата страна оставаме празно место, потоа фил како што се гледа и на додатните слики.
Од двете страни деловите каде што нема фил ги пресвиткуваме накај внатрешноста на кората до филот. На средината посипуваме афион и пак на внатре ги превиткуваме двете страни како што се гледа. Попрскуваме пак со зејтин и посипуваме афион. Ја преклопуваме едната страна врз другата во форма на ролат.
Ролатот го ставаме во подмачкано плекче со малку маргарин. Го засекуваме попречно на околу 2 прста ширина не до крај до дното на плекчето, туку само колку да се обележи како мала линија. На истиот начин ги правиме и другите два ролати само што во нив не додаваме афион туку само филот го делиме исто за двете страни од кората, попрскуваме со зејтин и на ист начин формираме ролати. Ролатите со праз и со празот и саламата ги премачкуваме со вода со четка или со рака и ги посипуваме со малку сол ако сакаме. Одозгора посипуваме сусам или афион, зависи од вкусот. Кога ќе се испече се покрива со крпа да се задуши и да омекне.
Како прилог може да додадете кисело млеко или јогурт.
И овојпат како и обично кога правам тесто импровизирав и за мене и мојата фамилија крајниот резултат беше вкусен ручек. Се надевам дека и на вас ќе ви се допадне мојот предлог за ручек. Ви посакувам добар апетит.
Лиценца: Сите права се задржани