Слаткотијава плени со вкус, боровинки со локум и доза на лимон во колачов, навистина добра и вкусна комбинација.
Јас ги сакам колачите со овошја, ама дома баш и не ги сакаат, т.е. имаат повремен отпор кон нив.
Имавме „ситуација“ со колачов. Имено, најмалиот син кога го виде баш бурно реагираше со изјавите дека „,само за мене сум си правела.. еве пак со овие боровинкиве... да престанам да правам со овошје...“итн. Исто и малечката моја, нема шанси да проба, особено ако овошјето се гледа... Арно ама некако се убедивме да се проба колачов... Малиот од желба да касне нешто благо, а малата ја убедив дека ќе и дадам парче без боровинки на него. Е сега кога го пробаа...ама само кога го пробааа...се поништи секој муабет за овошните колачи и неколку парчиња отидоа за час, во сласт беа изедени....
И падна договор, да не се коментира пред да се проба. Се надевам дека ќе го почитуваат =)
И на гостинката од последната дополнителна фотка и се допадна рецептот=)

Подготовка
1. Ја вклучуваме рерната на 170 степени да се загрее. Тавчето го намрсуваме со путер и го набрашнуваме.
2. Бананата заедно со сокот од лимон ја пасираме во Нутрибулет.
3. Путерот кој ни бил на собна температура го матиме 2-3 минути, па постепено му ги додаваме шеќерите (јас веднаш со шеќери го матев).
4. Матиме и потоа додаваме едно по едно јајце. Значи матиме со јајце, па додаваме следно, пак матиме итн.
5. Ја додаваме бананата, па постепено ги додаваме соединетите пециво и брашно.
6. На крај од матењето го додаваме сечканиот локум и лимон кората. Соединуваме и целата смеса ја ставаме во подмачканото тавче.
7. Ги распоредуваме боровинките и нежно ги притискаме да влезат во смесата.
8. Печеме до поцрвенување околу 20 минути, а пробуваме со чепкалка дали колачот ни е готов.

Забелешка
Чепкалката треба да ни е сува кога ќе излезе, ако е печен колачот, со што треба да внимаваме да не ја забодеме во локум, па да мислиме дека не ни е печено тестото.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани