
Торта со чоколаден пудинг (посно)
Да ви предложам едноставен и вкусен посен десерт.
Подготовка на пандишпанот.
 Плехче за печење (25х30) намачкајте го со масло и посипете го со брашно.
 Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.
 Брашното и пецивото измешајте ги и просејте ги.
 Во сад ставете ги шеќерот, млекото од соја, маслото и ванилата и со лажица или жица мешајте ги да се стопи шеќерот. На крај додајте го брашното со пецивото на 2-3 пати и убаво мешајте да се изедначи смесата, да нема грутчина.
 Истурете ја во плехот и печете во загреаната рерна околу 25-30 мин.
 Печениот пандишпан оставете го да олади.
Чоколадата со маслото стопете ја на пареа, а бананите исечете ги на кругчиња во висина која ќе ја сакате, можат да се повисоки или пониски како моите.
Пандишпанот навлажнете го со млекото (за да биде посочен) и прелијте го со стопената чоколада. Одма наредете ги бананите едно до друго и оставете ги во фрижидер да се стегнат.
Кога се оладени подгответе го пудингот.
 Во дел од млекото растворете ги пудинзите со шеќерот а останатото млеко ставете го да зоврие. Потоа додајте го пудингот и со постојано мешање варете го 2-3 минути да се згусти.
 Јас ставив 10 лажици шеќер зашто млекото беше малку благо и ни беше тамам. А вие ако сакате поблаго може да си додадете уште некоја лажица.
 Рамномерно истурете го над бананите.
 Тортата покријте ја со фолија и оставете ја да олади прво на собна температура и малку во фрижидер.
 Одозгора украсете ја со шеќерни трошки.
Лиценца: Сите права се задржани




























