Полнети шампињони со сланина и кашкавал
Не јадам печурки поради алергија. Дури и фобија имам од нив заради тоа што 2 пати имам завршено во болница заради нив. Затоа и не ги припремам, а сопругот ги обожава. Се плашев дека и преку кожата можам да добијам алергија ако ги допирам. Но, ете, за се има првпат и решив еднаш да му направам печурки, за мене предизвик е да направам нешто кое до тогаш не сум го правела, верувам дека и за секој е. Ме инспирира рецептот на Љубинка Чавдаровска, во вистинско време ми се појави пред очи.
Овие се свежи шампињони, најверојатно едни од најупотребуваните печурки кај нас... Употребив 10 парчиња и убавото кај печурките е дека многу брзо се прават, не бараат долга термичка обработка, така што, за 20 минути имате готов оброк.
Припрема
1. Измијте ги печурките и извадете им ги дршките.
2. Ставете ги дршките, сланината и кашкавалот во сецко и иситнете ги.
3. Наредете ги печурките во тава за печење (обложете ја со хартија за печење), додадете ги зачините и попрскајте ги со масло. Потоа секоја печурка убаво наполнете ја со смесата. Наросете одозгора уште малку зачини и попрскајте малку масло.
Печете на 200 степени околу 10 минути.
Послужете со чаша бело вино.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови