Преубави, превкусни, крцкави, лиснати. Со еден збор поубави од купечките. Јас ги комбинирав со чоколаден прелив и шеќер во прав, ама превкусни се и со крем, мармалад (по вкус). Одамна ги меркав, ама бидејќи одземаат по малку време во 2 дена, не се решив се досега, и тоа благодарение на една моја Фејсбук пријателка - Емилија, поздрав до неа.

Подготовка -

1. Прв ден - Во длабок сад ги ставаме брашното, шеќерот и солта (промешуваме). Ги додаваме соединети водата и млекото, во кој сме го раствориле квасецот. Тестото се замесува (глатко и меко), или ако имате робот миксер се уклучува на 1-ва брзина (2 минути), и на втора брзина (7 минути). Добиеното тесто го ставаме во правоаголно тавче (врз мрсна хартија) и го распоредуваме убаво со рацете, па покриваме со стреч фолија. Го оставаме во фрижидер цела ноќ.
2. Зимаме 2 листови мрсна хартија, и ги свиткуваме во димензии 20х40 цм, врз едниот лист го распоредуваме путерот исечен на тенки листови, покриваме со другиот лист, и го помош на сукало се расукува убаво и рамномерно насекаде. Го префрламе во дискус и го ставаме и него во фрижидер одвечер.

3. Втор ден - Го вадиме тестото, ја тргаме стреч фолијата, набрашнуваме и тој дел го префрламе на работната маса. Одозгора пак набрашнуваме (по потреба повторно се набрашнува) и расукуваме кора со димензии 40х40цм. Сега зимаме едно парче мрсна хартија, го ставаме до средината на расуканото тесто, и врз мрсната хартија ја преклопуваме другата половина (за да не се залепат). Се завиткува со стреч фолија и пак се става во фрижидер (30 минути).
4. После тие 30 минути, го вадиме тестото и на набрашнета работна маса ја расукуваме кората доколку малку се собрала во димензии 40х40цм. Во средината сега го ставаме расуканиот путер, и преклопуваме врз него, од левата и од десната страна. Набрашнуваме по потреба. Расукуваме во должина до 62 цм. Преклопуваме (диплиме) од горе до средина, па од доле врз преклопениот дел.
5.Завиткуваме во стреч фолија и оставаме во фрижидер 20 минути. Ова е 1-во преклопување, се прават уште две на истиот начин, значи вкупно 3 пати, и притоа се внимава пред расукувањето секогаш оној дел кај што не се гледаат преклопувањата да биде од вашата десна страна.
6. После третото преклопување-диплење (и одстојување од 20 минути во фрижидер) тестото на набрашнета работна маса го расукуваме до димензии од 64х30 цм, а сечеме со димензии од 60х28 цм (видете додатни слики). Сечеме триаголници и ги завиткуваме кроасаните. Ги редиме во плех врз хартија за печење, покриваме со чаршафче, нека стасаат, па тогаш ги премачкуваме. Сега ја уклучуваме рерната да загрее на 200 степени, кога ќе достигне температура уште еднаш ги премачкуваме и ги ставаме да се печат (7 минути), па намалуваме на 180 степени и допекуваме.

На здравје!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани