Палачинка торта со јагоди
Ние во нашето семејство многу си сакаме палачинки. Ги трошам залихите на замрзнато овошје, па правам различни комбинации на слатки. Оваа палачинка торта може да се направи и со свежи јагоди.
Првенствено ги правиме чоколадниот крем и преливот од јагоди бидејќи ќе им треба време да се изладат.
Јагодите ги ставаме на оган со шеќерот, за да зовријат убаво како џем. Ако не ви се доволно благи може да калкулирате со шеќерот. Кога ќе постигнат одредена густина ги ставаме да се ладат.
Шеќерот и водата ги ставаме да вријат односно да се стопи шеќерот. Го додаваме какаото, да се згусне и свари и го тргаме од оган. Додаваме путер. И чоколадниот крем го ставаме да се лади.
Потоа ги правиме американските палачинки
Се двојат жолчките од белките. Жолчките со прстофат сол се матат густо, па им се додаваат брашното и млекото. Ги матиме белките со прстофат сол. Се соединуваат двете смеси, со постепено мешање, со помош на шпатула. Се печат во тавче кое не лепи, на средна температура. Смесата е густа и со лажица внимателно го формираме пречникот на палачинката, односно колкава сакаме да ни биде тортата. Мене ми излегоа 10 палачинки. Ги оставаме малку да се изладат.
Филуваме, палачинка, чоколаден крем, палачинка, прелив од јагоди.....На врвот ставаме од преливот со јагоди и украсуваме со изматена слатка павлака.
Е сега да ви кажам дека кај нас нема време за чекање, ладење, впивање на филовите...итн. Кај нас веднаш се сече и се јаде. И ако се има време се прави некоја фотографија.
Сакав да кажам, доколку ја оставите малку тортата во фрижидер, нема да тече чоколадниот крем, како што е на дополнителната фотографија. Ама секако е убаво, ист е вкусот, само не е во толку цврста форма кремот.
Лиценца: Сите права се задржани